Порака на папата Фрањо за Великиот пост 2017

Порака на папата Фрањо за Великиот пост 2017

„Божјото слово е дар. Другиот е дар“

Драги браќа и сестри,

Великиот пост е нов почеток, кој води кон сигурната цел: Воскресението, Христовата победа над смртта. Оваа време секогаш силно нѐ повикува на преобраќање. Христијанинот е повикан од „сѐ срце“ да се врати кај Бог (Јоил 2,12), не задоволувајќи се со просечност, туку да расте во пријателството со Господ. Исус е верниот пријател кој никогаш не нѐ напушта, бидејќи кога сме во грев, тој трпеливо чека да му се вратиме и со тоа трпеливо чекање ја покажува својата подготвеност за простување (сп. Хомилија на Мисата на 8 јануари 2016).

Великиот пост е погодно време за зајакнување на духовниот живот со средствата за посоветување кои ни ги нуди Црквата: пост, молитва и милостиња. Вo коренот на сето тоа е Божјото слово, кое во ова време сме повикани да го слушаме и за него да медитираме поревносно. Овде сакам на посебен начин да се задржам на параболата за богатиот и сиромашниот Лазар (сп. Лука 16,19-31). Тој важен текст нека ни биде надахнување, кој ќе ни помогне да разбереме што ни е потребно за да постигнеме вистинска среќа и вечен живот.

  1. Другиот е дар

На почетокот од параболата се претставени двата главни лика со тоа што сирoмашниот е опишан подетално: тој се наоѓа во очајна состојба, дури нема сила и да стане, лежи пред вратата на богатиот и се храни со трошките кои паѓаат од неговата трпеза, целото тело му е полно со рани, кои ги лижат кучињата (сп. ред 20-21). Тоа е една мрачна слика; прикажува понижен човек, кој е во голема беда.

Сцената изгледа уште подраматична, кога ќе се размисли дека сиромашниот се вика Лазар, име полно со ветување, а буквално значи „Бог помага“. Поради тоа тој лик не е анонимен, неговите карактеристики се јасно опишани и е претставен како поединец со лична историја. Додека за богатиот практично е невидлив, за нас е некој кој добро го познаваме. Станува едно лице и како такво е дар, непроценливо богатство, битие кое Бог го сака, кое го љуби и за кое се спомнува, и покрај тоа што конкретната состојба во која се наоѓа е состојба на отфрлен човек (сп. Хомилија на Мисата на 8 јануари 2016).

Лазар нѐ учи дека другата личност е дар. Правилниот однос со луѓето се состои со благодарност да ја препознаваме нивната вредност. И сиромашниот на вратата на богатиот не е непријатна пречка, туку повик на преобраќање и промена на животот. Ова парабола најпрво нѐ повикува да ја отвориме вратата на своето срце за другиот, бидејќи секој човек е дар, било тоа да е нашиот сосед или пак непознат сиромав. Великиот пост е погодно време да ја отвориме вратата за секој човек во потреба и во него или неа да го препознаеме Христовото лице. Секој од нас се сретнува со такви луѓе во секојдневниот живот. Секој живот со кој се сретнуваме е дар кој заслужува прифаќање, почит и љубов. Словото Божјо ни помага да ги отвориме очите и да го прифатиме да го сакаме животот, а најмногу кога е слаб и ранлив. А да бидеме способни на тоа неопходно е сериозно да се сфати она што Евангелието ни го зборува за богатиот.

  1. Гревот нѐ заслепува

Параболата е беспоштедна во опишувањето на противречноста во која се наоѓа богатиот (сп. р.19). Тој лик, за разлика од Лазар, е без име; за него едноставно се вели дека е „богат“. Изобилството во кое живее се одразува во претерано раскошната облека која ја носи. Имено, порфирот бил многу ценет, дури повеќе и од златото и среброто, и затоа бил наменет за божествата (сп. Јеремија 10,9) и царевите (сп. Судии 8,26), додека свилата на поединецот му давал скоро сакрален карактер. Значи тој човек уживал да се расфрла со своето богатство и тоа вообичаено го правел секојдневно: „секој ден живееше раскошно и се веселеше“ (р. 19). Во него гледаме драматичен приказ на изопаченост од гревот, кој ги познава трите последователни нивоа: љубов кон парите, суетата и горделивоста (сп. Хомилија на Мисата на 20 септември 2013).

Апостол Павле вели дека „коренот на сите зла е среброљубието“ (1 Тимотеј 6,10). Тоа е главната причина за корупција и извор на љубомора, кавга и сомневања. Тоа може да отиде толку далеку што парите ќе завладеат со нас, дури и до таму да станат тираниски идол (сп. Апостолски поттик Evangelii gaudium, 55). Наместо да биде средство со кое ќе се служиме за да правиме добро и да се искажува солидарност со другите, парите може нас и целиот свет да го зароби во егоистичната логика, која не остава простор за љубов и претставува пречка за мирот.

Потоа во параболата се покажува дека алчноста на богатиот го прави суетен. Неговата личност се покажува во надворешноста, покажувајќи се на другите што може да си дозволи. Но таа надворешност го покрива внатрешното лице. Неговиот живот е заложник на надворешниот изглед, најповршинскиот и најминливиот аспект на постоењето (сп. исто, 62).

Најнискиот степен на тоа морално срозување е горделивоста. Богатиот се облекува како цар и се однесува како божество, заборавајќи дека е обичен смртник. За човек со расипана љубов кон богатството не постои ништо друго освен самиот себе и поради тоа лицата кои го опкружуваат остануваат надвор од неговиот видокруг. Плодот на наврзаност кон парите во суштина е еден вид заслепеност; богатиот не го гледа човекот кој е гладен, ранет, кој лежи понижен пред неговата врата.

Размислувајќи за тој лик, може да се разбере зошто во Евангелието толку јасно се осудува љубовта кон парите: „Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона“ (Матеј 6,24).

  1. Словото е дар

Евангелието за богатиот и сиромашниот Лазар ни помагаат добро да се подготвиме за Воскресението, кое се ближи. Литургијата на Пепелница нѐ повикува да искусиме нешто слично на она што го доживува богатиот на толку драматичен начин. Свештеникот, додека не посипува со пепел, ги повторува зборовите: „Сети се дека си прав и дека во прав ќе се претвориш“. И богатиот и сиромашниот умираат и главниот дел од параболата се случува на другиот свет. Двата лика изненадени откриваат дека „ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме“ (1 Тимотеј 6,7).

Ние исто така можеме да видиме што се случува на другиот свет каде што богатиот води подолг дијалог со Авраам, кој го нарекува „оче“ (Лука 16,24.27), покажувајќи со тоа дека припаѓа на Божјиот народ. Тој детал го прави неговиот живот уште повеќе контрадикторен, бидејќи до тој момент воопшто не станало збор за неговиот однос со Бог. Имено, во неговиот живот немало место за Бог. Единствениот бог, бил тој самиот.

Дури кога ги почувствувал маките во другиот свет богатиот го препознава Лазар. Со малку вода сака сиромашниот да му ги ублажи страдањата. Она што тој го бара од Лазар е слично на она што богатиот можеше за време на животот да му го направи на него, а никогаш не го направи. „Авраам пак му објаснува: „Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш“ (р.25). На оној свет се востановува одредена праведност и рамнотежа помеѓу злото доживеано за време на животот и доброто на другиот свет.

Параболата продолжува понатаму за да пренесе порака на христијаните. Имено, богатиот кој има уште живи браќа и сестри на земјата го моли Авраам да го прати Лазар за да ги опомене, но Авраам одговара: „Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!“ (р. 29). А на противењето од богатиот дополнува: „Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“ (р.31).

Така излегува на виделина вистинскиот проблем на богатиот: коренот на неговите зла е во тоа што не го слушал Божјото слово. Како резултат на тоа тој повеќе не го љуби Бог и го презира ближниот. Божјото слово е живо и делотворно, способно да поттикне преобраќање во срцата на луѓето и одново да ги упати човечките чекори кон Бог. Кога го затвораме срцето за дарот од Бог кој говори, на крајот за последица имаме да го затвориме своето срце за дарот на браќата.

Драги браќа и сестри, Великиот пост е погодно време за обновување на средбата со Христос, жив во Неговото слово, свети Тајни и ближниот. Нека Господ – кој за време на четириесетте дена поминати во пустината се спротивстави на лагите на искушувачот – ни го го покаже патот по кој треба да одиме. Светиот Дух нека нѐ поведе по вистинскиот пат на преобраќање за да го откриеме повторно дарот на Божјото слово, да бидеме очистени од гревот кој нѐ заслепува и да му служиме на Христос, присутен во браќата и сестрите во потреба. Ги поттикнувам сите верници да го искажат тоа духовно обновување исто така и со своето учество во акциите во Великиот пост кои многу црковни дела ги подготвуваат во разни делови од светот со цел ширење на културата на средба во едно човечко семејство. Да молиме едни за други, да знаеме, како соучесници во Христовата победа, да ги отвориме нашите врати за слабите и сиромашните. Тогаш ќе можеме во полнина да живееме и да ја сведочиме воскресната радост.

Од Ватикан на 18 октомври 2016

На празникот свети евангелист Лука

Фрањо

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Колумни, Проповеди

За авторот