Слово за живот, Ноември 2019

Слово за живот, Ноември 2019

„Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите!“ (Рим 12,15)

Откога на христијаните во Рим им објаснил кои големи дарови Бог му ги подарил на човештвото преку Исус и дарот на Светиот Дух, апостол Павле покажува како да се одговори на примената милост, особено во односите во заедниците, но и со сите.

Павле нѐ повикува од љубовта меѓу оние кои ја делат истата вера да преминеме на евангелската љубов кон сите човечки суштества. За верниците љубовта нема граници, ниту може да се ограничи само на некои.

Интересен детал: На прво место е споделувањето на радоста со браќата. Големиот црковен отец Иван Златоуст смета дека заради зависта, со другите многу потешко ја делиме радоста отколку нивната болка. Да се живее на таков начин може да изгледа како планина, премногу стрмна за искачување, како врв кој е невозможно да се достигне. Тоа сепак станува возможно затоа што верниците ги поддржува Христовата љубов, а од него ништо и ниедно создание никогаш не може да се раздвои. (сп. Рим 8, 35)

„Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите!“

Коментирајќи ја таа Павлова реченица, Кјара Лубик напишала: „За да љубиме христијански потребно е да се поистоветиме со секој брат […]: Да се влезе што е можно подлабоко во душата на другиот; вистински да се разберат неговите проблеми, неговите потреби; да ги споделиме неговите страдања, неговите радости; да се наведнеме над братот; на некој начин да станеме тој, да станеме другиот. Тоа е христијанство. Исус стана човек, стана еден од нас за да нѐ соедини со Бога. Така ближниот се чувствува разбран и олеснат.[1]

Тоа е повик да се ставиме во кожата на другиот како конкретен израз на вистинската љубов. Можеби љубовта на мајката е најдобар пример како ова Слово може да се спроведе во пракса: Мајката знае да ја сподели радоста со детето кое се радува и плачот со она кое страда, без суд и предрасуда.

„Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите!“

За да можеме да живееме во таа димензија, не затворајќи се во своите загрижености, во своите интереси, во својот свет, има една тајна: Да го зацврстиме единството со Бог, односот со Оној кој е извор на Љубовта. Се вели дека крошната на дрвото често одговара на должината на неговите корени. Тоа и нам ќе ни се случи: Ако нашиот однос со Бог го продлабочуваме од ден во ден, во нас ќе расте желбата за делење на радоста и носење на бремето на луѓето околу нас; нашето срце ќе се отвори и ќе стане повеќе способно да го прима она што братот кој е до нас го живее во сегашниот момент. А љубовта кон братот ќе ни помогне повеќе да се поврземе со Бог.

Живеејќи на тој начин, ќе забележиме промена во нашето опкружување, почнувајќи од односите во нашите семејства, на работните места, во заедниците. Со благодарност ќе доживееме дека искрената и бесплатната љубов порано или подоцна се враќа и станува взаемна.

Тоа е силно искуство на едно христијанско и едно муслиманско семејство кои ги споделувале тешкотиите и надежта. Кога Бен се разболел, Татјана и Паоло оделе во болницата заедно со неговата сопруга Басма и нивните три деца. Тие биле со нив сѐ до крајот. Иако во тага заради загубата на својот сопруг, Басма со своите христијански пријатели молела за една друга тешко болна личност, на тепих свртен кон Мека. Рекла: „Најголема радост е да се почувствуваш како дел од едно тело во кое секој се грижи за доброто на другиот.“

Летиција Магри

[1] К.Лубик, Взаемна љубов:темелно јадро на духовноста на единството, средба со православните, Кастел Гандолфо, 30 март 1989г.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот