Полски донатор му подари на Папата Лав чистокрвен арапски коњ

Полски донатор му подари на Папата Лав чистокрвен арапски коњ

Еден Полјак му подари чистокрвен арапски коњ на папата Лав XIV пред Генерална аудиенција, велејќи дека бил инспириран од фотографијата на августинскиот папа на коњ во Перу.

Други донатори веќе му подарија на Папата бел мотоцикл и електричен автомобил. Сега, папата Лав XIV доби бел коњ како подарок.

Протон, чистокрвен арапски коњ, му беше подарен на папата во среда од Анджеј Михалски, сопственик и основач на ергелата „Михалски“ во Колобжег-Буџистово, Полска.

Идеја инспирирана од фотографија од Перу

„Кога ги видов фотографиите од идниот Папа на коњ во Перу, ми дојде идејата да му подарам прекрасен арапски коњ – таков што ќе биде достоен за него и бел, бидејќи белата боја природно одговара на белата реверенда на Папата“, изјави г. Михалски.

Тој објасни дека овој гест е негов начин да изрази благодарност и да одговори на апелот на Папата за зајакнување на љубовта преку конкретни дела.

Таткото на Протон потекнува од Соединетите Американски Држави, а неговата мајка била купена од принцеза во Јордан. Коњот е роден во Јанов Подласки, а г. Михалски го купил како младо ждребе и го одгледал во својата ергела за тркачки коњи.

„Коњот се движи прекрасно и е исклучително убав“, истакнува одгледувачот.

Радосна средба

Подарокот му беше предаден на Папата непосредно пред Генералната аудиенција во среда. „Папата беше многу среќен; заедно го водевме коњот. Тој беше воодушевен, а ние бевме пресреќни“, раскажа г. Михалски.

За време на средбата, беше прочитано и писмо во кое сопственикот ги опишува активностите на својата ергела и бара благослов по повод нејзината претстојна 30-годишнина, следната година.

Гест инспириран од зборовите на Папата

Во своето писмо до Светиот Отец, г. Михалски се осврна на најновиот Апостолски поттик на Папата Dilexi te, цитирајќи:

„Нашата љубов и нашите најдлабоки убедувања треба постојано да се негуваат, а тоа го правиме преку нашите конкретни дејствија. Останувањето во сферата на идеите и теориите, а воедно и неуспехот да им дадеме израз преку чести и практични акти на милосрдие, на крајот ќе предизвика дури и нашите најдраги надежи и аспирации да ослабнат и да исчезнат.“

Во писмото, г. Михалски напиша: „Во исполнување на овој апел, би сакал да побарам мојот гест да придонесе за остварување на мисиите што Вашата Светост ги презема за денешниот свет и за Црквата, во согласност со Вашата харизма и одговорност.“

Коњи, хипотерапија и помагање на оние на кои им е потребна поддршка

Ергелата „Михалски“ не е само место за одгледување коњи, обука и натпревари – таа исто така управува со центар за хипотерапија, форма на терапија што го користи ритмичкото движење на коњот за активирање на сензорните, невромоторните и когнитивните системи.

„Кога работев со лица со попреченост, сеансите за хипотерапија се одржуваа во центарот за јавање на Анджеј Михалски. Оваа терапија е вистински благослов, особено за децата со физички попреченост“, рече Ана Мјечковска, градоначалничка на Колобжег, која исто така дојде во Ватикан.

„Нашиот центар организира големи коњички натпревари и хипотерапија за лица со попреченост; одржуваме сесии два или трипати неделно. Сега се подготвуваме следниот месец да организираме мало полско првенство– за деца со попреченост кои јаваат дрвени коњи“, додаде г. Михалски.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот