На конференција за новинари одржана во Прес-канцеларијата на Светиот Престол, членовите на „Комисијата за нови маченици – Сведоци на верата“ го прикажаа своето досегашно дело и го претставија екуменското славење што ќе се одржи на 14 септември, а ќе го предводи папата Лав XIV.
Комисијата за нови маченици – Сведоци на верата, која папата Фрањо ја основа во 2023 година при Дикастеријата за прогласување светци, призна околу 1700 маченици и сведоци на верата од XX век. Овој податок беше објавен во понеделник, 8 септември 2025 година, во Прес-канцеларијата на Светиот Престол, за време на конференцијата за новинари на која беше претставено досегашното дело на комисијата и екуменското славење што таа го организира, а кое во базиликата на свети Павле вон ѕидините ќе го предводи папата Лав XIV во недела, на 14 септември, на празникот Возвишение на Светиот Крст.
Триста четири маченици од американскиот континент, 43 Европејци убиени на Стариот континент, и уште 110 кои загинале за време на мисиите во светот; 277 сведоци на верата биле убиени на Блискиот Исток и во Магреб, 357 во Азија и Океанија, а 643 во Африка, земја „каде што христијаните најмногу е убивани“ – објасни Андреа Рикарди, основач на Заедницата Свети Егидиј и потпретседател на Комисијата која се состои од единаесет членови. Животите што се проучувани биле пријавени од сите географски широчини, од различни Цркви и христијански вероисповеди, како и од бискупии, бискупски конференции, монашки заедници и други црковни заедници. Тие животи сведочат за верски прогони, насилство од криминални организации, искористување на природните ресурси, терористички напади, етнички судири и други причини поради кои христијаните и денес се убиваат.
„За жал, продолжуваат да ги убиваат христијаните“ – рече Рикарди – „продолжуваат да умираат затоа што се сведоци на Евангелието, затоа што се занесени од Бога, од браќата и сестрите, затоа што се автентични слуќители на луѓето, затоа што се слободни пренесувачи на верата. Често самото присуство на христијанинот како чесна личност, личност која го почитува законот и која се посветува на општото добро, пречи на оние кои сакаат да ги спроведат своите злосторнички намери“ – истакна Рикарди.
По стапките на Комисијата основана од свети Иван Павле II
На конференцијата за новинари беше истакнато и тоа дека проучувањето и темелното истражување што го спроведува комисијата продолжува по стапките на Комисијата која ја основа свети Иван Павле II по повод Јубилејот 2000 година, со цел да се анализираат и соберат податоци за животот на сведоците на верата од XX век, кои потоа беа изложени во Меморијалот на новите маченици на дваесеттиот век во црквата на свети Вартоломеј на Тиберскиот остров. Папата Иван Павле II, на 7 мај 2000 година, во Колосеумот одржа и екуменска служба во спомен на тие маченици.
Ватикан њуз/к.мк