Одржана молитвената средба за мир во Светата Земја

Молитвената средба за мир во Светата Земја во Ватиканските градини по иницијатива на папата Фрањо се одржа со претседателот на Израел Шимон Перес и палестинскиот претседател Махмуд Абас, а присутен беше и цариградскиот патријарх Вартоломеј, како и кустосот на Светата Земја, о. Пјербатиста Пицабал, како и бројни верски претставници на трите религии.

Во својот говор папата Фрањо ги повика двете страни на храброст за да ги продолжат преговорите истакнувајќи дека „спиралата на омраза и насилство“ мора да биде прекината. За постигнување на мир е потребно поголема храброст од војните судири, рече Папата. Светиот Отец потсети дека овој молитвен настан за мир во Светата Земја, на Блискиот Исток и во целиот свет е пропратен од голем број на луѓе од целиот свет од различни култури, народи, јазици и вери. Потребна е храброст да се каже „да“ на средбите, а „не“ на судирите; „да“ на дијалогот и „не“ на насилството; „да“ на преговорите и „не“ на омразата; „да“ на почитување на договорот и „не“ на првокациите; „да“ на искреноста и „не“ на дволичноста“, предупреди Папата, изразувајќи надеж дека оваа средба во ватиканските градини е почеток на еден нов пат кон кој и двете страни го посакуваат. Папата потсети и на страдањата на невините во судирите, посебно децата кои се жртви на војните и насилствата и во молитвата повика „Никогаш повеќе војна“, доверувајќи го мирот во Светата Земја на Блажена Девица, ќерка на Светата Земја и наша Мајка. Својот краток говор Папата го заврши со вослик мир – на еврејски, италијански и арапски јазик.

Во својот говор израелскиот претседател ги повика Ираелците и Палестинците на компромис и жртва за мир. „Мораме да го запреме страдањето, насилството и судирите. На сите ни е потребен мирот“, рече Перес, истакнувајќи дека двете страни мора да бидат партнери во постигнувањето на мирот, кој мора да биде мир меѓу еднаквите. Таквиот мир не доаѓа сам по себе, туку бара придвижување со сите сили и бара жртва и компромис. Перес ја пофали посетата на Папата во Светата Земја, нагласувајќи дека папата Фрањо се покажа како „градител на мостови за братство и мир“.

Палестинскиот претседател во својот говор од Бог молеше за праведен мир меѓу Израелците и Палестинците. Молеше за иднината, слободата и почитувањето на човечките права во суверена и независна палестинска држава, истакнувајќи дека цел е мир и помирување. „Сакаме мир за нас и нашите соседи“, рече Абас нагласувајќи дека Ерусалим мора да биде за сите луѓе сигурно место за молитва и богослужба. На крјот на говорот заблагодари на папата Фрањо на поттикот за молитвената средба.

По завршувањето на молитвата и говорите двајцата претседатели, заедно со Папата и екуменскиот патријарх Вартоломеј симболично посадија дрво на мирот. Пота се упатија во Академијата каде продлжи нивната средба.

Пред молитвената средба Папата се сретна со двајцата претседатели во домот Света Марта.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот