Исус мора да ја уништи ноќта на смртната вина за повторно да се здобие со милоста на зората. Во семејствата, ноќта на рамнодушноста и студенилото мора да ја замени со сонцето на љубовта. На работните места, во градовите, народите, во подрчјата на неразбирање и омраза, ноќта треба да се осветли како ден, „nox sicut dies illuminabitur“: и ќе престане борбата, ќе има мир.
Во светот, со провидност, се множат средствата за целосен и слободен развој на животот. Додека откритијата на науката ги шират хоризонтите на човечките можности, техниката и организацијата ги реализира, ставајќи ги во служба на човекот. Нуклеарната енергија веќе практично го означи почетокот на новиот период: куќите се осветлени со енергијата која доаѓа со употребата на нуклеарната фисија и изгледа дека не е далеку денот кога градовите ќе ги осветлуваат и машините ќе ги движат процеси на синтеза слични на оние кои веќе милијарди години ги овозможува сонцето и другите ѕвезди на светлината. Електрониката и механиката го менуваат светот на производството и работата со автоматизацијата и така човекот сѐ повеќе станува господар на своите дела и гледа дека неговата работа се подигнува на сѐ поголемо квалитетно и интелигентно ниво. Превозните средства обединуваат различни точки на светот во единствена мрежа која може да биде затворена со брзината на привидното движење на сонцето. Проектилите ги браздат небесните висини, а вештачките саталити фасцинираат во вселената со своето присуство. Земјоделството, со нуклеарната хемија, ја умножува можноста за прехрана на сѐ поголем број луѓе, додека биологијата од ден на ден го освојува теренот во борбата против страшните болести.
Сепак, сетоа ова е сѐ уште ноќ. Ноќ, иако полна со треперење и надеж, но е ноќ. Ноќ која би можела да стане дури и изненадно бурна, ако овде и таму би се појавиле блескањето на молњата и се слушне тресокот на громот. Нели е можби вистинито дека науката, техниката и организацијата станаа извор на страв за луѓето?
Луѓето не се повеќе сигурни како некогаш. Гледат доволно јасно дека никаков напредок не може само да го обнови светот. Многумина веќе насетуваат – и тоа го зборуваат – дека ноќта во светот дојде, затоа што беше фатен Исус, бидејќи сакаше да се отстрани од семејниот, културниот и општествениот живот; бидејќи народот се побуни против Него, затоа што беше прикован, замолчен и немоќен.
Постојат мноштво подготвени и смели души кои се свесни дека смртта и погребот на Исус се можни, бидејќи меѓу Неговите непријатели се најдоа оние кои го негираа и предадоа; имаше многу од оние кои бегаа исплашени пред заканите на непријателот. Тие души знаеја дека навремена, сложна и органска акција ќе го промени лицето на земјата, обновувајќи ја и подобрувајќи ја.
Неопходно е да се отстрани гробниот камен кој сакаше да ја затвори вистината и доброто; треба да се дозволи вистинско воскресение кое повеќе не дозволува никаква власт на смртта „Surrexit Dominus vere“ (Лк. 24, 34), „mors illi ultra non dominabitur“ (Рим. 6, 9).
Кај поединецот Исус мора да ја уништи ноќта на смртната вина за повторно да се здобие со милоста на зората. Во семејствата, ноќта на рамнодушноста и студенилото мора да ги замени со сонцето на љубовта. На работните места, во градовите, народите, на подрачјата на неразбирање и омраза, ноќта треба да се осветли како ден, „nox sicut dies illuminabitur“: и ќе престане борбата, ќе има мир. Дојди Господи Исусе.
Човештвото нема сила да го тргне гробниот камен кој сам го изрезба, настојувајќи да го спречи Твоето доаѓање. Испрати го својот ангел Господи и дади нашата ноќ да биде светла како ден. Колку срца те очекуваат, Господи! Колку души со нетрпение го очекуваат денот кога Ти единствено ќе владееш и царуваш во срцата! Дојди, Господи Исусе!
Од воскресната порака на папата Пиј XII, 1957 година
Битно.нет/к.мк