Писмо на Папата до епископите во Нигерија
Во Велликиот Пост папата Фрањо не престанува да ја изразува својата духовна блискост кон оние што страдаат. Во писмо до нигериските епископи тој се заблагодари на Црквата во земјата, која „меѓу многубројните страдања не престанува да сведочи милосрдие и простување“.
Папата потсети дека во текот на изминатите години Нигерија се карактеризира со економски раст и се смета за „гигант во Африка“, што и придава важна улога не само на континентот, туку и во целиот свет. Истовремено, нацијата е принудена да се соочи и со сериозни потешкотии, меѓу кои „новите насилни форми на екстремизам и фундаментализам, на етничка, социјална и верска основа“.
„Многу Нигеријци се убиени, ранети, повредени, киднапирани и лишени од богатство: од блиските, од сопствената земја, од средства за достоинствен живот, од достоинство и правата. Многу од нив не успеаја да се вратат во своите домови“, пишува Папата. „Христијаните и муслиманите се обединети од заедничката трагична судбина, како последица на луѓе кои се претставуваат религиозни, но кои ја злоупотребуваат религијата, претворајќи ја во идеологија во името на сопствените интереси за превласт и смрт“.
Папата ги уверува во својата духовна блискост и секојдневна молитва, потсетувајќи на зборовите на Исус: „Те оставам во мир, Мојот мир ви го давам“. „Мирот не значи само отсуство на конфликти или резултат на политички компромис или промировен фатализам – нагласува папата Фрањо. „Мирот е дар одозгора, кој е самиот Исус Христос, Принцот на Мирот“. Истовремено, тој мир е „секојдневен напор, смел и вистински во името на помирувањето, споделувањето, за создавање на мостови на дијалог и во служба на најсиромашните и отфрлените. Мирот се состои во изградба на културата на среќавање“.
На крајот, Папата им се заблагодари на сите во земјата, кои прават конкретни напори против формите на насилство и „во името на една посигурна и поправедна иднина за сите“. “Придружувајте ги жртвите! Помагајте им на сиромашните! Воспитувајте ги младите! Бидете градители на едно солидарно и праведно општество“, повикува Папата.
РВ/В.Н.