Пет работи за кои луѓето на умирање најмногу жалат
На смртната постела – соочени со свршетокот на својот живот – луѓето можат објективно да го видат својот живот. Многу од нив жалат за начинот на кој тие живееле…
Една медицинска сестра од Австралија, која многу години работела на палијативна нега, искуството од својата работа го опишала во книгата „Пет работи за кои луѓето на умирање најмногу жалат“. Брони Вер опишува како им е на пацинетите за кои се грижела, а им преостанале три до дванаесет недели од нивниот живот: „Тоа време е обележано со многу неверојатни моменти. Соочени со сопствената смрт, луѓето наеднаш откриваат многу работи.“
Еве за што тие на умирање најмногу се каат.
Би сакал да имам повеќе храброст да живеам со поголема верност кон себе, а не кон очекувањата на другите
Брони вели дека луѓето ова најчесто го спомнуваат. Кога ќе сфатат дека нивниот живот е при крај и ќе погледнат наназад, разбираат колку нивни соништа останале неостварени: „Тие умираат со знаење дека причина за тоа биле нивните одлуки – оние кои ги донеле и оние кои ги пропуштиле да ги донесат.“
Би сакал помалку да работам
„Ова го изјавиле речеси сите машки пациенти. Го пропуштиле растењето на нивните деца и заедничките моменти со сопругите. Жените исто така ја наведувале оваа причина.“
Би сакал да имав повеќе храброст да ги изразам своите чувства
„Многумуна ги потиснале своите чувства со цел да бидат на мир со своите ближни. Заради тоа живееле просечен живот и никогаш не станале тоа што можеле да бидат. Многумина се разболеле, бидејќи биле огорчени и несреќни.“
Би сакал да останев во контакт со пријателите
„Многумина не ја разбираат вредноста на своите пријателства додека не стигнат до крајот на животот. Тие биле премногу зафатени со своите обврски и едноставно ги занемариле пријателите – не им посветувале доволно време ниту пак се труделе околу нив. Затоа премногу жалат. На сите на крајот од животот им недостигаат пријателите.“
Би сакал да си дозволам да бидам посреќен
„Многумина до крајот на животот не сфаќаат дека среќата е избор. Други пак се заробени во внатрешноста на старите одлуки и навики. Се држеле до тоа што им е познато; се плашеле од промените и затоа пред самите себе и пред другите се преправале дека се задоволни, додека длабоко во себе чезнееле повторно да можат да се насмеат од срце и да бдат среќни.“
Битно.нет/З.А.