Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ на два дена пред Апостолската посета на Неговата Светост, папа Фрањо
Вовед во светата Литургија
Драги браќа и сестри секоја светата Евхаристија е единствена и неповторлива средба со Исус Христос, што ни се објавува со своите зборови и ни се дарува во евхаристиските знакови. Секогаш е тоа неповторлив настан на нашето спасение, средба со живиот Бог. Сепак, има околности што даваат посебен белег токму на оваа средба – на оваа света Евхаристија. Чувствуваме дека во воздухот лебди „големо очекување“. Нашиот град дише со посебен дух а му се менува и изгледот, како да облекува свечена облека, како да чека „голема средба“. Да, драги браќа и сестри, ние сме во очекување на Светиот Отец, кој за два дена во оваа катедрала ќе има средба, додека на централниот плоштад на нашиот Град евхаристиска слава, ќе помине по нашите улици, ќе биде наш гост, Тој, кој е видлив Петар на нашите денови и поглавар на Католичката црква. Тој дух на очекување да го внесеме во ова евхаристиска прослава, тој копнеж на средба, тој глад за јасни зборови на утеха и надеж. Но, токму заради тие околности да ги внесеме во оваа Евхаристија и нашите жарки молитви, своето предание на Бога, Бог да ги води стапките на Светиот Отец и нашите стапки за да таа историска средба биде видлив настан на верата, знак на љубовта и темел на надежта, која не разочарува. Затоа собрани во Светиот Дух, да го молиме Исусовиот Дух да не очисти од секој грев, нашата молитва да излегува од чисто, препородено срце и да најде исполнение при Небесниот Отец. Да го направиме тоа со искрено покајание…
Проповед
Браќа и сестри, драги верници! Во западната литургија неделите после Велигден се посебно убави и збогатени со читања на Божјото слово, кои се полни со топлина, радост, утеха. Да почнеме од штотуку прочитаното Евангелие. Веднаш сакам да предупредам дека денес поимот „се објави“ е појасен од било кога. Имено, грчкиот оригинал на Евангелието користи „и се даде да биде виден“. Многу е појасно отколку „се објави“ и сега нам ни е јасно зошто учениците не го препознаа веднаш на самиот почеток. Не, Тој – Исус се даде да биде виден на оние на кои во срцето им е љубовта и верата. Да се присетиме на извештаите од воскресната ноќ. На гробот дојдоа двајца апостоли, Петар и Иван. Петар погледа и? Ништо. А Иван погледа и „поверува“. Оној ученик „кого Исус го љубеше“ гледа со очите на срцето и вератра. Љубовта ги отвора очите. И во денешниот прекрасен запис гледаме како Иван говори на Петар „Господин е“. Раскажувањето е полно со нежна романтика. Да си замислиме тој настан да се случеше на некое крајбрежје од нашите убави езера. Исус им подготви појадок. Печена риба и свеж леб. Дали е доволно? Не, дајте и од оние што вие сега ги уловивте. А чудесно уловија 153 „големи риби“. Овој број е важен. Имено, во пописот на населението што го прогласил цар Август во времето на Исусовото раѓање, попишано е 153 разни народи. Целото тогашно познато подрачје во големото Римско царство. Сите народи. Мрежата на крајбрежјето ја „извлекува Петар“, важен детал. Радоста е неизмерна, тие со тој богат улов „повторно се таму од каде Исус ги повика пред која година“ но сега се со него „кој беше мачен, распнат, умрен и погребен“, но СЕГА Е ВОСКРЕСНАТ, тие на тоа се сведоци. ете, слушнавме во првото читање како пред Големиот совет апостолите храбро сведочат. Беа среќни што и тие имаа „можност нешто да претрпат за Името Исусово“. Сега, во нивниот роден крај, на крајбрежјето на езерото Исус е повторно со нив. Каква радост.
Доаѓа вториот дел од извештајот: Петровиот „поправен испит“. Петар три пати се откажа од Исус – три пати го затаи. Тој од тоа се срами. Разбирливо. Но, добриот Исус му дава нова можност. Три пати го прашува: „Ме љубиш ли повеќе отколку овие…?“ Чудно, „повеќе отколку останатите“ а кај останатите, занимливо, не се јавува никаква завист. Како да го подржуваат на Петар и го храбрат. Секој Петров одговор одѕвонува во тишина „Да, Господи“…и Исусовите зборови: „Паси ги овците мои, паси ги јагненцата мои…“ Да се присетиме дека Исус со задоволство се претставуваше како „Јас сум Добриот Пастир…“ и сега тоа свое СТАДО го доверува на Петар. И овците и јгненцата… Третиот пат Петар сфатил дека овој „трет пат“ всушност е потсетување на трострукото затајување и конечно до крај понижен говори: „Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам“. И после тоа следи пророштво „со каква смрт Петар ќе го прослави Бога…“
Драги браќа и сестри, ние за два дена Петар на нашите денови – Апостолскиот наследник, Папата ќе го сретнеме во нашиот Град. Тој како и секој Петров наследник, „полагаше“ испит на љубовта кој е на невидлив начин присутен при изборот на Папите, „дали ме љубиш повеќе отколку овие?“ Папа Фрањо ќе дојде и ќе ни ја посведочи таа љубов. Како? Со манифестирање на грижата и љубовта кон “малото стадо” во рамките на големата Универзална Црква. Како да ги оставил тие 99, и доаѓа да ја побара оваа мала Црковна заедница, која не залутала, од има потреба од “рамињата” на Добриот Пастир, за да може тука и сега смело да ја сведочи својата вера во Христа Спасителот, жив, воскреснат и присутен! Тој ќе дојде како Пастир на кого Исус му го доври СВОЕТО стадо. Важно е, и тоа многу важно е, со какво расположение на духот го очекуваме Папата. Кога и која мисија ние сакаме во него да ја сретнеме?
Многу јасно ќе заклучам. Да отидеме во пресрет како Иван на гробот Исусов. Да отидеме со срце и љубов. Нека Господ Бог со оваа сцена од Евангелието ни го загрее срцето, да со тоа и такво срце да можеме да имаме отворени очи на верата. Тоа за нас буквално е средба на крајбрежјето на Вардар, на плоштадот Македонија, каде што во изобилие на она што Бог ни го дава и ние да додадеме од нашето, и така ќе ни се случи и на нас обнова на ВЕРАТА преку ЉУБОВТА. Ние сакаме да докажеме дека во Светиот Отец го гледаме срцето на „Сладкиот Господ Исус“ како што за Папата говореше една светица. Сакаме во таа Евхаристија да бидеме со Исус на „крајбрежјето“.
Затоа да молиме искрено и понизно Господ Бог од нас да го отстрани искушението на атракцијата, љубопитноста, ама да ни ги отвори очите на верата преку „љубовта која е разливена во срцата наши“ …И на крајот ве молам, молете и тоа многу молете и за мене. Амин.