Патувања, реформи, пандемија: 2021 година со папата Фрањо

Патувања, реформи, пандемија: 2021 година со папата Фрањо

Преглед на годината што завршува во светло на настаните што ги одбележаа

Три меѓународни патувања, од урнатините на Мосул и татковината на Авраам во Ирак преку главните градови на Централна Европа и периферијата до колевката на западната цивилизација и раскрсницата на страдањата на островот Лезбос во Грција; осум апостолски писма Motu proprio, спроведувајќи реформи во пасторалната, судската и финансиската сфера; отворање на синодален процес и бројни, средби, аудиенции, меѓународни настани во Рим и пошироко. И среде сето ова – десетдневна хоспитализација со операција. Ова беше 2021 година за папата Фрањо, кој на 17 декември наполни 85 години.

Вознемирувачки почеток

Годината започна со алармантна вест: Светиот Отец не можеше да ја предводи светата Литургија на првиот ден од годината поради невралгија на ијатичниот нерв. Годината започна со пандемска неизвесност, а „средбите“ беа виртуелни: од студиото во Апостолската палата беа емитувани Генералните аудиенции и молитвата Ангел Господов. Трошка надеж беше почетокот на кампањата за вакцинација, која започна во средината на јануари во Ватикан. Меѓу првите кои беа вакцинирани беше папата Фрањо и неговиот претходник Бенедикт XVI. На експресно барање на Светиот Отец, со кампањата беа опфатени и ранливите лица на Вечниот град, луѓе кои поради својот нерегулиран статус немаат системски пристап до здравствена заштита.

Поклонение

И веднаш по знаците на „заздравување“, започна со меѓународно патување по повеќе од една година пауза. Првата беше посетата на Ирак на 5-8 март, во која Фрањо стана првиот Папа кој стапнал на земјата на пратотецот Авраам, и каде се одржа историска средба со водачот на шиитскиот ислам, Големиот Ајатолах ал – Систани. Потоа, на 12 септември, света Литургија во Будимпешта на затворањето на 52. Меѓународен евхаристиски конгрес и четиридневна посета на Словачка, обележана со средби со жртвите на Холокаустот и посета на „ромскиот“ кварт во Кошице. Кипар и Грција ги посети на почетокот од месец декември, земја која е лулка на модерната цивилизација, таму посети бегалски камп, од каде Светиот Отец повика да се спречи нејзината пропаст поради глобализацијата на рамнодушноста.

Реформи

Во пресрет на објавувањето на новата апостолска конституција за Римската курија, во текот на годината папата Фрањо направи промени во различни сфери. Во апостолското писмо Motu proprio „Spiritus Domini“ (11 јануари), тој одлучи во лаичката служба на лектор и аколит да може да бидат и жени. Во февруари, Светиот Отец го обнови кривичното право, по што на 23 мај беше потпишана Апостолската конституција Pascite gregem Dei, објавувајќи ново издание на Книгата VI од Кодексот на Канонското право. На крајот на април – нова антикорупциска регулатива и проширување на јурисдикцијата на Ватиканскиот трибунал на бискупите и кардиналите, а во мај Апостолското писмо „«Antiquum Ministerium» за воспоставување на институционална лаичка служба за катехисти. Во јули беше објавено Апостолското писмо „Traditionis Custodes“.

Хоспитализација

Изминатата година ќе биде запаметена по извештаите за здравствената состојба на Папата. Покрај веќе споменатата невралгија на ијатичниот нерв и вакцинациите, на 4 јули низ светот се прошири веста за хоспитализацијата на Светиот Отец за планирана операција на дебелото црево. Десет дена сите со нетрпение го очекуваа извештајот за неговото здравје, а во сеќавањето е врежана молитвата „Ангел Господов“ на 11 јули, која ја предводеше од балконот на болничкото одделение опкружен со болни деца.

Невиден синодален процес

Изминатата година беше и воведување на уште една новина во животот на Црквата – нова методологија за одржување на Епископските синоди, во која сега се вклучени сите епархии во светот. Папата Фрањо лично го започна овој процес во Ватикан на 9 и 10 октомври, кој по една недела беше отворен во сите помесни Цркви во светот со епархиска фаза, по што следува континентална и средба во Ватикан во октомври 2023 година.

Апели и средби

Во текот на годината, папата Фрањо упати различни апели на теми како што се вакцинација, мир, разоружување, грижата за заедничкиот дом и солидарност. Во врска со вакцинацијата против Ковид-19, тој повика на рамномерна дистрибуција на вакцините и да не се подлегнува на скептицизам, идеологии и лажни вести и да се прифати вакцината нарекувајќи ја „чин на љубов“. На почетокот на октомври, во Ватикан се сретна со верски лидери и научници во контекст на подготовките за Cop26 во Глазгов. Неколку недели претходно објавена е заедничка порака на папата Фрањо, патријархот Вартоломеј I и надбискупот од Кантербери Џастин Велби по повод Денот на молитвата за грижа на создадениот свет. Со истата упорност Светиот Отец потсети на мирот и разоружувањето, учествувајќи и на средба организирана од Заедницата на Свети Егидиј во Римскиот Колосеум.

Заедно со средбите со „моќниците од овој свет“, односно многубројните шефови на држави и влади во текот на годината, со лидери на граѓанското општество, папата Фрањо не заборави на сиромашните. Во пресрет на Светскиот ден на сиромашните, тој се сретна со сиромашните во родниот град на Свети Фрањо, Асизи. Важни апели до моќниците во светот упати на 16 октомври во неговото видео обраќање по повод IV Светска средба на народни движења.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести
Ознаки 2021, Папа Фрањо

За авторот