Патријархот Вартоломеј му посака брзо закрепнување на папата Лав

Патријархот Вартоломеј му посака брзо закрепнување на папата Лав

Вселенскиот патријарх Вартоломеј I во лично писмо му ја изрази на папата Лав XIV својата „братска поддршка“ и го увери во своите молитви. Вартоломеј наскоро ќе престојува во Рим, каде што ќе му биде доделен почесен докторат на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквински“.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј I испрати писмо до папата Лав XIV со желби за брзо закрепнување. Во писмото, поглаварот на Цариградската патријаршија му ја изрази на Папата својата „братска поддршка“ и искрени желби за брзо и целосно закрепнување. Истовремено, го увери папата Лав и во своите молитви.

„Нека Ви се обноват силите за доброто на возвишената служба што Ви е доверена“, напиша Вартоломеј, според информативната служба „Pro Oriente“. Тој изрази надеж дека наскоро ќе може и лично да му ги пренесе своите желби, во зависност од текот на закрепнувањето на Папата.

Патријархот Вартоломеј планира на 23 октомври да отпатува за Рим. Таму, на свеченост на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквински“, познат како „Ангеликум“, ќе му биде доделен почесен докторат. Првично беше предвидено Вартоломеј и папата Лав XIV да се сретнат во Рим во деновите што следуваат.

Вселенскиот патријарх, исто така, планира да учествува на меѓурелигиската молитвена средба на 27 октомври во Асизи, на која повикаа Папата и Заедницата „Свети Егидиј“. Во моментов, сепак, останува неизвесно дали папата Лав ќе може лично да присуствува на настанот.

Од 25 до 27 октомври во Асизи се очекуваат околу 380 претставници од религијата, културата и политиката од повеќе од 50 земји. Во попладневните часови на 27 октомври, на 40-годишнината од првата молитвена средба во Асизи, поттикната од свети Иван Павле II, предвидена е молитва во базиликата „Свети Фрањо“ во Асизи, со учество на папата Лав XIV, патријархот Вартоломеј I и бројни претставници на различни христијански Цркви.

За муслиманите, Евреите, хиндуистите, будистите и припадниците на други религии се предвидени 13 различни места во Асизи, каде што ќе можат да се молат според сопствената верска традиција.

Катпрес/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот