Патријархот Вартолемеј потсети на посетата на Павле VI на Фанар

Патријархот Вартолемеј потсети на посетата на Павле VI на Фанар

На 25 јули се навршија 50 години од историската посета на блажениот папа Павле VI во седиштето на Вселенската патријаршија во Константинопол, во истанбулскиот кварт Фанар кај тогашниот патријарх Атенагора.

Потој повод Вселенски патријарх Вартоломеј напиша колумна во вчерашниот (25.7.2017) број на ватиканскиот весник „Осерваторе Романо” под наслов „Да се обедини она што е поделено”.

Во размислувањето Вартоломеј потсетува на зборовите изречени од Џовани Батиста Монтини во Фанар, кој тогаш рече дека „сѐ повеќе ја откриваме длабоката идентичност на нашата вера, затоа точките на нашето несогласување не треба да нѐ попречуваат за да го сфатиме тоа длабоко единство”. Патријархот ги цитира и зборовите искажани од својот претходник, кој потсети на главната цел за посетата на Павле VI, имено „да се обедини она што е поделено преку заеднички црковни активности, таму каде што тоа е можно”.

Сегашниот Вселенски патријарх Вартоломеј ги опишува двајцата верски водачи дека биле „далекувиди“, надминувајќи ги меѓусебните пречки во 1964 во Ерусалим.

„Без разлика што нивната иницијатива не влијаеше многу на медиумите, тие остануваат револуционерни камен-темелници за развојот на христијанството”, продолжува Вартоломеј.

Всушност, „она што можеби изгледаше како само еден мал чекор во историјата на светот, на крјот произлезе дека е огромен скок во историјата на Црквата”, пишува патријархот, кој го нагласува „огромното значење на исклучителните дела на папата Павле VI и патријархот Атенагора”.

„Во време во кое луѓето и народите се изолираат и исклучуваат меѓусебно, нивниот пример е како светлината поставена на врв од гората, која го осветлува целиот свет”, стои на крајот од размислувањето на Вселенскиот патријарх.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот