Патер Ломбарди за текот на синодата: Потребна е темелна и подолга подготовка за брак

Покорнички молитви во заедницата за рззведените кои се во нов цивилен брак и кои сакаат да влезат во црковната заедница – тоа е еден од патиштата кои беа предложени вчера попладнето на 9 октомври, на Синодата посветена на семејството и на која Синода имаа свои сведоштва слушателите на Синодата, односно тие што немаат право на глас, повеќето лаици. Со нивните излагања заврши првата недела од работата на Синодата, во текот на која синодските отци имаа вкупно 180 излагања. За темите кои беа во средиштето на осмиот и деветиот состанок на Синодата, на вообичаениот брифинг за новинарите говореше патер Федерико Ломбарди, директор на Ватиканската прес служба:

Посебно интересна беше темата за разведените кои се во нов цивилен брак, и за можностите да се пронајдат нови патишта на прифаќање во Црквата, истакна патер Ломбарди. Поврзано со таа тема е светотоаинскиот видик што се однесува на онаа можност што сите ја посакуваат, пристапувањето на Света Причест. Во врска со тоа интересна беше забелешката во која е истакнато она што во свое време го направил Пио X, кога одредил децата да пристапуваат на Света Причест, ова во тоа време било крајно револуционерно и ново. Така е истакнато дека има и храбри примери од страна на еден Папа, иако во околности поразлични од нашиве, во размислувањето за воведување на новоста што се однесува на праксата за пристапување на Евхаристија, рече патер Ломбарди.

„Чувствителна“ беше и темата која се однесува на подготовката за брак, за која, како што истакнаа синодските отци, треба темелно да се земе грижа и преку долго време бидејќи, забележано е дека сегашната кратка подготовка не помага во сфаќањето за светоста на врската. За науката за бракот и за следењето на паровите опширно зборуваа слушателите на Синодата. Во повеќето од нивните излагања е истакнато дека лаиците треба повеќе да бидат вклучени за време на подготовката на паровите, бидејќи во тие случаеви големо влијание има силата на доживеаното сведоштво. Од нивните искуства, истотака, произлезе повикот, во склад со уверувањата на оците кои вчера ја потврдија науката на енцикликата „Humanae Vitae“,на Павле VI, за подобро познавање на природните методи на регулирање на раѓањето.

Исто така во склад со мислењето на епископите, а свесни за важноста на културите и на универзитетската работа во подршката на семејството, слушателите конкретно ја опишаа важноста за залагање на лаиците во академската средина, како и во граѓанските институции. И тоа не заборавајќи на плодовите кои ги дава работата на многуте христијани и во најмрачните подрачја на општеството, истакна патер Ломбарди.

Тоа е обврска за сите, односно важен е фактот дека имаме еден вид на сведоштво и душогрижништво кое ги даваат лаиците, а кои се однесуваат на големата осаменост која постои во денешниов свет, во големите градови… Тоа е како услуга што доаѓа до многумина осамени лица или кои се во неволји, независно од нивното учество во животот на Црквата. Станува збор, значи за несебична и отворена служба која оди надвор од границите на заедницата на практиканти.

Од социјален и хуманитарен аспект преку 33 излагања на осмата средба беше осудено манипулирањето со ембрионите и нивното замрзнување како и стремежот на некои земји и организации, посебно во Африка, абортусот и хомосексуалните врски да ги покажуваат како „човечки права“, поврзувајќи го прифаќањето на тие поими со големата пружена помош.

Се зборуваше и за иселувањето, па така посебно е истакнато барањето за поголема заштита на семејно единство на иселениците. Разгледано е, истотака и прашањето на заштитата на децата на разведените родители, како и правото на родителите сами да го изберат воспитувачкиот план кој одговара најмногу за нивните деца. Не се занемарени ниту случаевите на смрт на еден од сопружниците, а за кои свое излагање имаше една вдовица, вработена во здружение кое се посветува на средби за вдовици и вдовци.

Во вториот претпладневен дел од работите на Синодата, одржан е првиот состанок на таканаречените „помали групи“; се работи за 10 групи, по три на англиски и италијански јазик, и по две на француски и шпански јазик, а својата работа ќе ја започнат следната недела.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот