Пасхално  бдение во Скопската катедрала

Пасхалното бдение во скопската катедрала, Пресвето Срце Исусово го предводеше скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов.  Во концелебрација со бискупот беа скопскиот парох дон Давор Топиќ, директорот на Македонски Каритас монс. Антун Циримотиќ, епископскиот канцелар о. Марјан Ристов и парохискиот викар дон Јошт Мезег.

Пасхалното бдение започна со благослов на огнот пред катедралата, а потоа светлото беше внесено во катедралата, а воспевот на воскресната свеќа го отпеа викарот дон Мезег.

После служба на словото бискупот Стојанов во проповедта рече: „Драги браќа и сестри со оваа најубава литургија во Католичката црква го празнуваме и најголемиот настан на спасението кој произлегува и ја надминува нашата историја, а тоа е настанoт на Христовото воскресение. Верник се станува не според сопствен избор, туку според сопствениот одговор на тоа што во воскреснатото таинство Бог ни го понуди да веруваме. Тоа е настан во кој се раѓа повикот на нашата вера и не поттикнува како одговор на верата според многуте Божји слова и милосни знаци. Кога го празнуваме Велигден во нашата свест повторно треба да е сознанието дека се работи за настан кој не можеме до крај да го сфатиме, но токму во тој факт е и мостот каде што човекот од обостраноста на верата преминува на онаа страна. Силата на нашата вера е во Христос кој е жив, воскреснат и присутен. Што ни значи празнувањето Велигден нам, на верниците? Најнапред тоа е повик за обнова на нашата вера. Вера во Бога кој е Отец, Син и Светиот Дух. Вера дека во историјата Отецот го испратил Синот кој стана човек кој во сè бил сличен на нас, освен во гревот. Вера дека сега на дело е Светиот Дух кој оној историски настан во овој миг го прави присутен во ова празнување. До Воскресението не можеме да дојдеме ако не го следиме Христос кој низ страданијата и смртта влезе во суштината на човековото битие“.

„Драги браќа и сестри, со силата на верата која не храни и охрабрува и јас денес ви порачувам: Не плашете се! Го барате Исуса, Воскресна, отидете во Галилеја, таму ќе го видите. Оваа средба во овој Божји храм ја има силата на тоа послание: Одете и сведочете дека Исус Христос е жив и присутен. Ако сакате да имате мирна совест и вечен живот облечете се во силата на верата која ви се нуди во овој миг. Отидете по сиот свет и бидете сведоци дека Исус Христос е сега и секогаш единствен Спасител на светот“, порача бискупот Стојанов.

Бискупот Стојанов ги поздрави после хомилијата присутните гости, претставниците на Македонската православна Црква, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и директорката на Комисијата за односи со верските заедници Валентина Божиновска, исто така ги пренесе поздравите и честитките од Апостолскиот нунциј во Република Македонија надбискупот Анселмо Гвидо Пекорари, како и од метрополитот за Скопската бискупија надбискупот Врхбосански кардинал Винко Пуљиќ.

За време на Литургијата пееше парохискиот катедрален хор, под водство на с. Татјана Атанасова, во придружба на оргули од страна на Дарко Мартиновски, а труба свиреше   д-р Љупчо Коскаров.

к.мк/д.Д.Т./С.С.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот