Папа Фрањо ракоположи 11 нови свештеници: „Бидете милосрдни“
Соучесници во Христовата мисија, вршители на Божјите дела, избрани за да бидат слуги на единството по примерот на Христос, Добриот Пастир. Тоа е модел кој папа Фрањо го понуди на новите 11 свештеници, кои во неделата на 17 април лично ги ракоположи во базиликата Свети Петар. Со зборови и примери, бидете целосно милосрдни! Без крстот нема да го пронајдете Исус – рече Папата. Во Неделата на Добриот Пастир и 53. Светски ден на молитва за духовни звања, на својот твитер профил напиша: „Секој повик во Црквата има потекло во Исусовиот поглед полн со сочуство кој ни опростува и нè повикува да го следиме“.
На сите понудете им го Божјото Слово кои и сами радосно сте ги примиле. Потсетете се на својата историја, дарот од Словото кои Господ ви ги даде преку мајките, бабите – и како што вели Павле – катехистите и целата Црква. Читајте и упорно размислувајте над Словото Господово за да верувате во она што сте го прочитале, да го проучите она што сте го спознале за верата, да го живеете она што сте го учеле – рече папа Фрањо.
Ракоположените ги повика да бидат градители со зборови и примери, со наука и „мирис“ на живо сведоштво. Ги повика да го наследуваат она што го слават, учествувајќи во тајната на Господовата смрт и воскресение одејќи со него во нов живот. Додаде дека без крстот никогаш нема да го пронајдеме вистинскиот Исус и дека крстот без Христос нема смисла. Потсети дека Христос дојде за да служи, а не да биде служен и ги поттикна да не останат во сопствената комотност, туку да излезат и да ги бараат оние кои се изгубени.
Со крштението ќе донесете нови верници меѓу Божјиот народ. Со светата Тајна Исповед ќе опростувате гревови во името Христово и Црквата. Ве молам, во името на самиот Господ и Црквата да бидете милосрдни, целосно милосрдни. Со светиот елеј ќе ги утешите болните. Одбележувајќи ги светите обреди и воздигнувајќи ги во различни часови од денот молитвите за благодарност и барање, ќе бидете глас на Божјиот народ и целото човештво. На крајот Светиот Отец ги потсети новоракоположените дека се избрани. „Не заборавајте го тоа. Избрани! Господ вас ве повика, секој посебно“.
РВ/Б.Р.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк