Папата славеше света Литургија со филипинските епископи, свештеници, монаси и монахињи
Секој христијанин е повикан на праведен живот, но и да „создава кругови на чесност“, рече на 16 јануари папата Фрањо во проповедта на Литургијата со епископите, свештениците, монасите и монахињите во катедралата Безгрешно Зачнување во Манила. Папата зборуваше за општествата оптеретени со корупција и сиромаштво, а потоа силно истакна обраќајќи се спонтано на собраното мноштво дека „сиромашните се центарот на Евангелието“. Ако ги исклучиме сиромашните од Евангелието невозможно е да ја сфатиме Христовата порака, рече сликовито Папата. Ги повика христијанските заедници на Филипините да бидат близу до оние кои се исклучени од општеството, како и да ја навестуваат убавината на христијанскиот брак.
Предупредувајќи на „жалните компромиси со менталитетот на овој свет“, Папата на верниците им порача дека не смеат да дозволат да западнат „во одреден материјализам кој може да се вовлече во нашите животи и да го компромитира сведоштвото кое го даваме.“ Единствено ако ние самите станеме сиромашни, отстранувајќи го нашето самозадоволство, можеме да се поистоветиме со последните меѓу браќата и сестрите. Сè ќе гледаме во ново светло и така ќе можеме да одговориме праведно и чесно на предизвикот на навестување на радикалноста на Евангелието во општество навикнато на ексклузивност, поларизација и скандалозна нееднаквост“, рече Папата.
Папата Фрањо сите ги предупредува: „Евангелието го повикува секој христијанин да го живее животот праведно, чесно и со посветена работа за општото добро“ и додаде: „Но, исто така ги повикува христијанските заедници на создавање на „кругови на чесност“, мрежа на солидарност кои можат да се прошират во општеството за да го преобразат со своето пророчко сведочење.“
Пред тоа Папата се сретна со претставниците на властите и дипломатскиот кор. Во краткиот говор Папата упати барање за „решително отфрлање на сите облици на корупција која ги киднапира средствата од сиромашните“. Ги повика политичките водачи да „се одликуваат со праведност, чесност и одговорност за општото добро.“
РВ/Д.И.