Папа Лав XIV: Не е доволно верата да се исповеда со зборови, Исус нè повикува да ризикуваме во љубовта

Папа Лав XIV: Не е доволно верата да се исповеда со зборови, Исус нè повикува да ризикуваме во љубовта

Во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов во недела, 24 август 2025 година, папата Лав XIV објасни дека верата не се состои само во извршување на верски обреди ако тие не го преобразуваат срцето. Нашата вера е автентична кога го опфаќа целиот наш живот, кога станува мерило за нашите одлуки, рече Светиот Отец. Христос нè љубеше до таа мера што помина низ „тесната врата“ на Крстот. Да се следи Исус понекогаш подразбира донесување тешки и непопуларни одлуки, борба против сопствената себичност и целосно дарување на себеси за другите.

Папата Лав XIV, во своето денешно обраќање пред молитвата Ангел Господов, се задржа на евангелската слика за „тесната порта“, низ која Исус нè повикува да влеземе во Неговото Царство. Постави прашање: „Ако Бог е Отец на љубовта и милосрдието, кој секогаш нè пречекува со раширени раце, зошто Исус вели дека портата на спасението е тесна?“

Светиот Отец нагласи дека Господ не сака да нè обесхрабри. Напротив, Неговите зборови се упатени најнапред за да ја разнишаат самоувереноста на оние кои мислат дека се веќе спасени, на оние кои ја практикуваат вера, но живеат со чувство на сигурност. Тие, всушност, не сфатиле дека верските обреди ја имаат својата полнота единствено кога го преобразуваат срцето: Господ не прифаќа култ одвоен од животот, ниту се задоволува со жртви и молитви кои не нè водат кон љубовта кон браќата и сестрите и кон остварување на правдата.

Предизвикот од денешното Евангелие е силен: додека ние понекогаш ги осудуваме оние кои се далеку од верата, Исус ја доведува во прашање духовната сигурност на верниците.

Светиот Отец подвлече дека не е доволно верата да се исповеда само преку зборови, ниту само со учеството во Евхаристијата, јадејќи и пиејќи со него или добро да се познава на христијанското учење. Верата станува автентична кога го опфаќа целиот живот, кога станува мерило за нашите одлуки и кога нè води да се залагаме за доброто, преземајќи ризици во љубовта, по примерот на Исус. Христос не го избра патот на успехот и моќта, туку, за да нè спаси, ја прифати „тесната врата“ на Крстот и нè возљуби до крај.

„Исус е мерката на нашата вера и Вратата низ која преминуваме за да го најдеме спасението, живеејќи ја Неговата љубов и сведочејќи правда и мир во секојдневниот живот“, предупреди Папата.

Таквиот повик понекогаш подразбира донесување тешки и непопуларни одлуки, борба со сопствениот егоизам и целосно дарување за другите, опстојување во доброто дури и кога злото изгледа надмоќно. Но, кога ќе се помине преку таа врата, човекот открива дека животот се отвора на нов начин и дека влегува во пространото срце Божјо и во радоста на вечната гозба што Тој ја приготви.

„Да ја повикаме Пресвета Богородица да ни помогне храбро да поминеме низ тесната врата на Евангелието, за да се отвориме со радост за безграничната љубов на Бог Отецот“, заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот