Папа Лав XIV: Луѓето во Украина и понатаму умираат: Мора да се прекине огнот и да се започне дијалог

Папа Лав XIV: Луѓето во Украина и понатаму умираат: Мора да се прекине огнот и да се започне дијалог

Папата Лав XIV одговараше на прашања од новинари во Кастел Гандолфо. Тој остро ги осуди убиствата на христијани и муслимани во Нигерија и ги повика владите и народите да промовираат вистинска верска слобода. Зборувајќи за мерките против мигрантите во САД, тој повика луѓето да бидат третирани хумано и со достоинство. Тој, исто така, зборуваше за можни патувања во Латинска Америка следната година и објасни дека ги поминува деновите во Вила Барберини читајќи, спортувајќи и работејќи.

Мир во Украина, мерки против мигрантите во САД, тероризмот во Нигерија, можни патувања во 2026 година и денови поминати во Кастел Гандолфо. Ова беа главните теми на кои се осврна папата Лав XIV во вторник вечерта, 18 ноември 2025 година, одговарајќи на прашања од новинари во Кастел Гандолфо, каде што пристигна во понеделник, 17 ноември, за својот редовен ден за одмор.

Мир во Украина

Светиот Отец прво се осврна на Украина, каде што продолжуваат масовните руски напади. Пред обидите за започнување преговори во Турција и можноста за отстапување на украинските територии на Русија за да се стави крај на војната, Римскиот епископ рече дека од нив зависи да одлучат и дека украинскиот устав е многу јасен. Тој истакна дека проблемот е што нема прекин на огнот и дијалог за решавање на проблемот. Треба да истраеме во мир – рече тој – затоа што луѓе умираат секој ден.

Мерки против мигрантите во САД

Потоа, Петровиот наследник го коментираше соопштението од 13 ноември на Бискупската конференција на Соединетите Американски Држави за мигрантите и барателите на азил, издадено во Балтимор, каде што се одржа пленарната седница на конференцијата. За прв пат по многу години, американските бискупи издадоа пасторално писмо во кое се вели „не“ на масовните протерувања, изразувајќи загриженост за ситуацијата во земјата и повторувајќи дека националната безбедност и заштитата на човековото достоинство не се неспоиви. Папата рече дека оваа изјава е многу важна и ги повика, пред сè, сите католици, но и луѓето со добра волја, внимателно да слушаат што велат бискупите и да бараат начини да се однесуваат кон луѓето со човечност и достоинство.

Ако некој е во Соединетите Американски Држави нелегално, постојат начини да се реши тоа, постојат судови и судски систем. Мислам дека има многу проблеми во системот. Никој не рече дека Соединетите Американски Држави треба да имаат отворени граници. Мислам дека секоја земја има право да одреди кој, како и кога влегува – истакна Светиот Отец и додаде – Сепак, кога луѓето живеат добар живот, а многу од нив живеат 10, 15 или 20 години, не смееме да се однесуваме кон нив на начин што е полн со непочитување, а имало и насилство. Бискупите беа многу јасни во она што го кажаа. Би сакал само да ги повикам сите Американци да ги слушаат – рече папата Лав XIV.

Прогони во Нигерија

Римскиот епископ се осврна и на Африка, а особено на Нигерија, каде што силен бран на омраза и насилство ги погодува христијаните и муслиманите. Прашањето за тероризмот е поврзано со воената економија за контрола на земјите што ги поседуваат. За жал, многу христијани се убиени и мислам дека е многу важно да се бараат начини на кои владите и сите народи можат да промовираат автентична вистинска слобода – нагласи Светиот Отец.

Патувања

Папата коментираше и за можното патување во Латинска Америка, почнувајќи од Перу каде што беше мисионер повеќе од дваесет години, и нагласи дека за време на Јубилејната година ќе продолжи да ги живее своите секојдневни активности, а потоа ќе планира за следната година. Отсекогаш сум сакал да патувам – додаде тој – проблемот е да се усогласат сите обврски. Во секој случај, меѓу можните дестинации што ги спомена се Фатима, Гвадалупе во Мексико, потоа Уругвај, Аргентина и, секако, Перу.

Денови поминати во Кастел Гандолфо

Петровиот наследник на крајот рече дека вторниците ги поминува во Кастел Гандолфо комбинирајќи спорт (тенис и базен), читање и работа. Тој истакна дека тоа му е потребно и дека многу му помага да се одмори од неделните активности, бидејќи секој човек навистина треба добро да се грижи за себе и дека секој треба да направи нешто и за телото и за душата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот