Папа Лав XIV: Во ерата на вештачката интелигенција, семејството е првото училиште на човештвото
Обраќајќи се пред Меѓународната мрежа на католички законодавци, папата Лав XIV бара донесување законска регулатива што ги штити човековите права и човечкото достоинство, предупредувајќи дека никогаш не смее да се дозволи вештачката интелигенција да го еродира семејството, „првото училиште на човештвото“.
Здравото законодавство треба да ја поттикнува научната и технолошката креативност, а воедно да ги штити основните човекови права и слободи. Треба да ги заштити корисниците од експлоатација, да ја зачува личната приватност, да обезбеди транспарентност во користењето на новите технологии и да гарантира дека тие ги зајакнуваат демократските институции.
Папата Лав XIV го истакна ова пред Меѓународната мрежа на католички законодавци во Ватикан во петок, 21 август 2026 година.
Размислувајќи за законодавството, Папата повтори дека „се потребни робусни законски рамки, независен надзор, информирани корисници и политички систем кој не се откажува од својата одговорност“.
Тој забележа дека таквиот надзор може да функционира на повеќе нивоа – локално, национално и меѓународно – олеснувајќи отворена дискусија за „вклучените етички рамки и подложувајќи ги на заеднички стандарди за социјална правда“, осигурувајќи „дека ниедна идеологија или интерес не ги диктира вредностите вградени во системите за вештачка интелигенција“.
Во исто време, подвлече Светиот Отец, брзиот развој на вештачката интелигенција ризикува да создаде нови форми на технолошка зависност, при што посиромашните нации се повеќе се потпираат на побогатите.
Суптилни форми на доминација
„Мора да останеме будни во овој поглед“, рече тој, „за да не стане иновацијата уште едно средство за идеолошки или економски колонијализам“.
За жал, се пожали тој, „се соочуваме со суптилна форма на доминација кога алгоритмите одлучуваат кој е виден, а кој останува невидлив, кога дигиталните платформи го обликуваат јавниот дискурс без одговорност и кога достоинството на работниците е подредено на оптимизацијата на системите“.
Ваквите случувања, предупреди папата Лав, „откриваат ново лице на древното искушение за доминација и владеење без служба“.
Семејството како прво училиште на човештвото
Наспроти оваа култура на моќ, посочи Светиот Отец, Црквата предлага „цивилизација на љубовта“.
„Во такво општество“, рече папата Лав, „првото училиште на човештвото би било семејството“.
„Зашто во семејството“, инсистираше тој, „прво учиме доверба пред пресметка, великодушност пред конкуренција, дијалог пред поделба и љубов пред моќ“.
Имајќи го ова предвид, тој рече дека на вештачката интелигенција „никогаш не смее да ѝ се дозволи да ја еродира оваа примарна клетка на општеството – без разлика дали со сведување на лицата и односите на податоци и симулации, преку поплавување на младите умови со содржина што ја искривува желбата или преку економски модели што го прават семејниот живот економски несигурен“.
Зајакнете го бракот и семејството
„Поради оваа причина“, Светиот Отец, „ве охрабрувам да промовирате политики што ги зајакнуваат бракот и семејствата, ги поддржуваат родителите во нивната образовна мисија и им овозможуваат на младите луѓе да гледаат во иднината со доверба.“
„Драги пријатели, на светот не му е потребна вештачка интелигенција која го намалува човештвото; напротив“, инсистираше папата Лав, „нему му е потребна човечка интелигенција просветлена од мудрост, политички авторитет водена од совест и технолошка иновација водена од милосрдие“.
Само тогаш, рече тој, вештачката интелигенција нема да стане соперник на човештвото, туку служител за општото добро.
Папата Лав XIV заврши велејќи дека со овие мисли се моли размислувањата на Мрежата да донесат изобилен плод за вашите нации и за целото човечко семејство.
Ватикан њуз/к.мк

