Папата ќе го посети римското светилиште „Божјата љубов“

Папата ќе го посети римското светилиште „Божјата љубов“

Канцеларијата за печат на Светиот Престол соопшти дека папата Фрањо на 1 мај ќе го посети римското светилиште „Божјата љубов“ (Divino Amore) каде ќе ја предводи молитвата Бројаница по повод почетокот на месецот на Пресвета Богородица.

Додаваме дека во овој месец, поточно на 15 април Светиот Отец исто така ќе ја посети римската парохија „Свети Павле од Крстот“ во римското предградие Корвијале. Освен тоа Папата на 20 април пасторално ќе ги посети местата Алесано и Молфета во јужноиталијанската покраина Апулија, додека на 22 април на Четвртата Светла недела во базиликата Свети Петар ќе ракоположи нови свештеници.

Во мај освен посетата на светилиштето Божјата љубов, папата Фрањо ќе го предводи редовниот конзисториум за канонизација. На Педесетница, на 20 мај на плоштадот Свети Петар ќе го одржи традиционалното свечено евхаристиско славење. Во сабота на 5 мај, Светиот Отец ќе го предводи свеченото литургиско славење по повод педесет годишнината од основањето на римскиот огранок на заедницата Неокатехуменски пат – соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол. На славењето кое ќе се одржи на подрачјето на универзитетот Тор Вергата, а кое се наоѓа на периферијата на градот Рим, се очекува да пристигнат неколку десетици илјади луѓе.

Неокатехумени или Неокатехуменски пат е едно од новите црковни движења кои во 1964 година во Мадрид го основа шпанецот Франциско „Кико“ Аргуело и неговата соработничка Кармен Хернандез. Спомнатото движење се сфаќа како катехуменат за возрасни, односно пат за христијанско воспитување на современиот човек. Притоа клучен елемент на тој пат е Светото Писмо, а во срцето на неокатехуменатот е Евхаристијата. Посебност им е катехизацијата и керигматското навестување. Во 1990 година светиот папа Иван Павле II го признава Неокатехуменскиот пат како итинерариј на католичката формација важно за општеството и за сегашното време, а првото одобрување на нивните статути се случува во 2002 година. Конечното одобрение од Ватикан пристигнува во 2008 година. Според некои наводи во светот денес постојат околу 25 илјади неокатехуменски заедници во речиси 1500 дијацези во целиот свет.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот