Папата: Јубилејот е повод за солидарност

Јубилејот нека биде повод за да се преобратиме, да го направиме срцето повеќе великодушно, да им помагаме на другите, на добротворните институции, болниците и домовите за стари лица. Ако јубилејот не допре во нашите џебови, не е вистински јубилеј”. Ова го истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција во среда 10 февруари, која ја посвети на библиските корени на Јубиелјната година. Светиот Отец упати силен апел до сите да „придонесат за изградба на земја без сиромашни и општество без дискриминација, преку распределбата на ресурсите базирано на братството и правдата.

Пред повеќе од 25 илјади верници и поклоници, Папата потсети дека во Библијата Јубилејот е кулминација на религиозниот и јавниот живот на Израелскиот народот”. Папата потсети и на својата престојна апостолска посета во Мексико, која ќе започне на 12 февруари и ги повика верниците да се молат како за неговата посета на Мексико, така и за неговиот „брат патријарх Кирил”, со кого ќе се сретне во Куба.

На секои 50 години – рече папата Фрањо – на „Денот на Очистување” кога се моли Господовата милост за целиот народ, звукот на роговите го објавуваат големиот настан на ослободувањето. Во книгата Левит читаме: „Осветете ја педесеттата година и објавете слобода по земјата за сите жители; тоа да ви биде година на проштавање; и секој да се врати во својот имот, и секој да се врати при родот свој.

Според овие прописи – истакна Папата – ако некој бил принуден да го продаде својот дом или земја, за време на јубилејот можел да си ги поврати; ако некој бил со долгови, без да може да ги исплати и е принуден да служи на својот доверител, во јубилејот можел да се врати слободен во семејството и да го поврати целиот имот.

Папата Фрањо истакна дека јубилејот бил како „општа амнестија”, која им овозможува на сите да се вратат во својата првобитна положба со бришење на секој долг, враќање на земјата и можноста повторно да се ужива во слободата, својствена за членовите на Божјиот народ. За еден „свет народ”, одредбите како оние за јубилејот служеле за справување со сиромаштијата и нееднаквоста, гарантирајќи достоинствен живот за сите и праведна распределба на земјата, на која се живее и од која се обезбедува егзистенцијата. Централната идеја на јубилејот е дека земјата првично припаѓа на Бог и е доверена на луѓето, и затоа никој не може да си ја присвои, создавајќи на тој начин ситуации на нееднаквост.

„Ајде денес да размислуваме за тоа; нека секој во своето срце размисли дали не поседува премногу работи. Зошто да не дадеме нешто на оние кои немаат ништо. Десет проценти, педесет проценти … Светиот Дух нека го инспирира секој од вас”, повика папата Фрањо.

Со јубилејот – продолжи тој – оној кој осиромашил го имал повторно потребното за да живее, а оној кој се збогатил, враќал на сиромашниот она што му го зел. Целта е изградба на едно општество базирано на еднаквост и солидарност, каде слободата, земјата и парите стануваат повторно добро за сите, а не само за малкумина како што се случува денес …

„Ако не грешам – додаде Папата импровизирајќи – 80% од богатството на човештвото е во рацете на помалку од 20%и од луѓето. Во јубилеј сме – и тоа го кажувам, потсетувајќи на нашата историја на спасение – за да се преобратиме, за да стане нашето срце поголемо, великодушно, со повеќе љубов, како на синот Божји. Но ќе ви кажам нешто: ако таа желба, ако овој јубилеј не допре до џебовите, не е вистински јубилеј. Тоа е напишано во Библијата. Ова не си го измисли Папата: Напишано е во Библијата. Целта е едно општество базирано на еднаквост и солидарноста каде слободата, земјата и парите се добро за сите, а не за малкумина”.

Функцијата на јубилејот – продолжи папата Фрањо – „е да помогне на народот да живее конкретно братството, обележано со заемна помош. Можеме да кажеме дека библискиот јубилеј е „Јубилеј на милосрдието”, бидејќи живеел во искреното барање на доброто за братот во потреба.

На ист начин, може да се испита милосрдието Господово преку милосрдието на луѓето, други институции и закони кои управуваат со животот на Божјиот народ. Во овие закони може да се најдат валидни насоки и денес, кои нѐ поттикнуваат на размислуваме. На пример, библискиот закон наметнува плаќање на данок „десеток”, наменет за Левитите одговорни за култот, кои не поседувале земја, но исто така и за сиромашните, вдовиците и сираците. Овој данок предвидува една десетина од жетвата или од профитот од други активности, да биде дадена на оние кои се без заштита и се во потреба, помагајќи на тој начин изградба на еднаквост во рамките на еден народ, во кој сите треба да се однесуваат како браќа.

Друг пример е законот за „првината”, односно на првата жетва, највредното нешто кое требало да се споделени со Левитите и странците кои не поседувале ниви. На овој начин и за нив земјата се претвора во извор на храна и живот. „Земјата не смее да се продава засекогаш, зашто земјата е Моја; вие сте при Мене придојдени и преселеници“ (Лев 25,23). Сите ние сме придојдени за Господ, во очекување небесната татковина (Евр. 11, 13-16; 1Пт. 2,11), повикани сме да направиме поднослив и хуман светот кој нѐ прифаќа. „Првите плодови” може да ги дарува оној кој поседува повеќе на оној кој е во тешка положба. Не само „првите плодови” од земјата, но и од секој плод на трудот, од платата, од заштедата и многу други работи кои се поседуваат и понекогаш се губат.

Повторно импровизирајќи Папата додаде: „Тоа се случува и денес! Во Апостолската добротворница пристигнуваат бројни писма со малку пари внатре во кои пишува: „Ова е дел од мојата плата, за да се помогне на другите”. Тоа е многу убаво: помош за другите, добротворните институции, болниците и домовите за стари лица, но исто така и странците. Исус исто така беше странец во Египет”.

Размислувајќи за тоа – Светиот Отец рече – Светото Писмо настојчиво нè повикува да одговориме великодушно на барањата за заем, без да си правиме сметки и без да донесуваме невозможни камати: „Ако братот твој осиромаши и изнемогне при тебе, поткрепи го исто така како да е твој придојден или преселеник, та да живее кај тебе. Не земај му ни лихва ни печалба, и бој се од твојот Бог; Јас сум Господ; братот твој нека живее при тебе. Не давај му сребро свое со интерес, а и храната твоја не давај му ја со печалба. (Лев 25, 35-37). Оваа поука секогаш е актуелна, рече Папата. „Колку семејства се на улица, бидејќи се жртва на лихварство! Да се помолиме во овој јубилеј, Господ да го отстрани од срцето на сите желбата да се поседува повеќе преку лихварство. Ајде повторно да бидеме великодушни и големи! Сведоци сме на многу ситуации на лихварство, кои носат страдање и болка на семејствата! Тоа е тежок грев кој вика пред Бог.

На крајот папата Фрањо истакна дека библиската порака за јубилејот е многу јасна: „Храбро да се отвориме за споделување. Меѓу сограѓаните, меѓу семејствата, меѓу народите, меѓу континентите. Допринесувањето за остварување на една земја без сиромашни, значи да изградиме едно општество без дискриминација врз основа на солидарноста, што доведува до делење на сѐ што се поседува, распределба на ресурсите врз основа на братството и правдата”.

При поздравите кон присутните на аудиенцијата папата Фрањо потсети дека на 11 февруари, Католичката црква го слави празникот на „Богородица Лурдска” и 24. Светски ден на болните, а главната прослава ќе биде во Назарет. Во пораката за Денот на болните оваа година – потсети тој – „Размислуваме за незаменливата улога на Марија за време на свадбата во Кана Галилејска: „Што ќе ви каже, направете” (Иван 2,5). Во загриженоста на Марија се одразува нежноста на Бог и бескрајната добрина на милосрдниот Исус. Ве повикувам да се молите за болните и да ги поттикнете да ја почувствуваат нашата љубов. Нека нежноста на Марија биде присутна во животот на многу луѓе, кои се блиску до болните, за да можат да ги согледаат нивните потреби, дури и незабележителните, бидејќи се видени со очи полни со љубов “.

РВ/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот