Папата ја прими православната делегација од Вселенската патријаршија: Не треба да се плашиме од дијалог

Ватикан, 28.6.2013 /к.мк/ – „Денес, повеќе од кога било, барањето на единството помеѓу христијаните е итна потреба, што нѐ обврзува. Во овој свет, гладен за вистина, љубов, надеж, мир и единство е важно нашето сведоштво, за да можеме заедно да ја навестуваме благата вест и славиме Божествените Тајни на новиот живот во Христа“. Тоа го истакна папата Фрањо за време на аудиенцијата за православната делегација на Вселенската Патрирашија која ја прими во петок 28 јуни по повод празникот на Светите Петар и Павле.

Аудиенцијата се случува во рамките на традиционалната размена на делегации за Патроните празници на Ватикан и Вселенската Патријаршија од 1969 година. Оваа година православната делегација е предводена од Пергамскиот митрополит Јоанис Зизиулас, копретседател на Мешовитата меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Православните цркви. На 29 јуни православната делегација ќе учествува на свечената Литургија која папата Фрањо ќе ја служи на плоштадот Свети Петар.

Знаеме добро дека пред сè единството е „дар Божји за кој треба неуморно да се молиме“, рече папата Фрањо. Но исто така, знаеме и дека „секој од нас има задача да ги подготви условите и теренот на срцето, за да може оваа несекојдневна благодат да биде примена“. Кон тоа, Папата даде високата оценка за работата на Меѓународната мешовита комисија за теолошки дијалог истакнувајќи дека таа има фундаментален придонес во потрагата на единството меѓу католиците и православните, и која во моментов го разгледува прашањето на богословската и есхатолошката врска помеѓу приматот и синодалноста во животот на Црквата.

„Значајно е дека денес можеме заедно да размислуваме во вистината и милоста по тие проблематики, почнувајќи од заедничкото, без да се крие она што с è уште нè разделува“, истакна Папата. „Не станува збор за чиста теолошка вежба, туку за длабок увид во меѓусебните традиции примајќи го искуството од нив“. Како пример, Папата го истакна ставот на Католичката црква за епископската соборност и традицијата во синодалноста на Православната Црква.

„Уверен сум дека напорите за заеднички допринес на оваа комплексна и широка тема ќе донесе плодови – изјави папата Фрањо. Ми помага помислата дека католиците и православните споделуваат еднакво верување за дијалогот кој не се стреми кон богословско минимализирање врз кое може да се постигне компромис, туку се базира на длабока потрага по вистината, која Христос ја дарува на својата Црква и која ќе се разбере подобро ако сме управувани од Светиот Дух. Затоа – заврши Папата – не треба да се плашиме од средба и вистинскиот дијалог“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<