Папата ја прими на аудиенција делегацијата на Екуменскиот совет на Цркви
Поделбите меѓу христијаните не треба да се прифатат помирувајќи се со судбината, туку треба со надеж да се оди напред кон единството – е желба на папата Фрањо кој ја изрази на 7 март примајќи ја на аудиенција делегацијата на Екуменскиот совет на Цркви (WCC).
Поделбите кои се уште постојат меѓу христијаните, Папата ги нарече голема препрека во сведочењето на Евангелието во светот. Поздравувајќи ги претставниците на спомнатото екуменско тело, и благодарејќи им на службата која ја извршуваат поради единство меѓу оние кои веруваат во Христос, Папата се осврна токму на поделбите кои сѐ уште постојат. Не треба да се прифатат помирувајќи се со тоа, како да се едноставно неизбежен составен дел на историското искуство на Црквата. Ако христијаните го занемарат повикот на единство, кој им го упати Господ, би можеле да го занемарат самиот Господ, и спасението кое Тој ни го нуди по Своето Тело, по Црквата – истакна папата Фрањо.
Односите помеѓу Католичката Црква и Екуменскиот совет на Цркви – потсети Папата – се развиваат почнувајќи од Вториот Ватикански собор и овозможија, да се надмине взаемното неразбирање, да се воспостави искрена екуменска соработка и сѐ поголема размена на даровите помеѓу различните заедници. Патот кон полното и видливо заедништво и денес изгледа тежок и стрмен – забележа Папата и додаде – Меѓутоа, Духот нè повикува да не се плашиме, со надеж да одиме напред, да не се задоволуваме со напредокот постигнат во текот на минатите децении.
Истакнувајќи дека на тој пат е важна молитвата, Светиот Отец рече дека само во духот на понизна и истрајна молитва може да се постигне потребната далековидност, разборитост и побуда, како би ги понудиле своите услуги на човечкото семејство, во сите негови, духовни и материјални, слабости и потреби. Нека на средбата на делегацијата на Екуменскиот совет на Цркви и Папскиот совет за промовирање на единството на христијаните биде можно да се утврди најделотворниот начин за заедничко напредување на тој пат – посака на крајот папата Фрањо.
РВ/С.С.