Папата ја прими македонската делегација
Ватикан, 24.5.2013 /к.мк/ – По повод прославата на празникот на светите браќа Кирил и Методиј во петок 24 мај, папата Фрањо ја прими на аудиенција делагацијата од Македонија. На чело на македонската делегација е претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, кој по аудиенцијата со Светиот Отец се сретна и со Државниот секретар на Ватикан, кардинал Тарчизио Бертоне.
Во состав на македонската делегација се и свештеници од Католичката црква во Македонија, о. д-р Зоран Стојанов и о. Марјан Ристов.
Папата Иван Павле II во 1980 година ги прогласи светите браќа Кирил и Методиј за созаштитници на Европа. Гробот на свети Кирил се наоѓа во католичката црква Свети Климент во Рим.
Оваа година се одбележуваат 1144 години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил и 1150 години од Моравската мисија. (го*ко)