Папата ја предводеше меѓурелигиската молитва за мир во Колосеумот

Папата ја предводеше меѓурелигиската молитва за мир во Колосеумот

Светската средба на религиите за мир, во организација на Заедницата Свети Егидиј, која се одржа под мотото „Крик за мир“, заврши во вторникот на 25 октомври со заедничката молитва во римскиот Колосеум, која ја предводеше папата Фрањо и со апел за мир во Украина и светот.

„Господи, услиши ги молитвите на сиромашните, слабите, ранетите, бегалците кои молат за мир“, молеа претставниците на христијанските Цркви и заедници, меѓу кои и неколку православни епископи, иако не и од Руската православна Црква.

Претседателот на Заедницата Свети Егидиј, Марко Импаљацо истакна дека светот во последните 36 години се промени, студената војна престана – спомнувајќи ги притоа зборовите на папата Иван Павле II во 1989 година – „не молевме залудно во Асизи“. Се поцврсто е разбирањето и пријателството меѓу религиите, посилно отколку тоа меѓу народите, мислејќи на војната во Украина.

Учесниците на собирот се осврнаа не само на војната во Украина, туку и на многу други војни, конфликти и газење на човековите права во разни делови на светот. Младата Аргентинка сведочеше за својата борба против трговијата со луѓе, Нигеријка која шест години поминала како бегалка во Либија го раскажа пеколот кој го преживеала се додека не била спасена и преку хуманитарен коридор пристигнала во Италија, молејќи така да се спасат што повеќе луѓе.

Папата пак порача дека мирот е во центарот на религиите, на нивните писма и пораки. Во молитвената тишина вечерва го слушнавме повикот на мир – мирот кој се гуши во толку делови на светот… Крикот за мир се замолчува не само со воена реторика, туку и со рамнодушноста. Се гуши со омразата која е силна во меѓусебната борба, порача Светиот Отец.

Предупреди дека секоја војна го остава светот полош отколку што бил, тоа е неуспех на политиката и на човештвото, ги повтори зборовите од својата енциклика Fratelli tutti. „Денес се случува тоа од кое се плашевме и не верувавме дека е можно – отворена закана со нуклеарно оружје, кое за жал и после Хирошима и Нагасаки продолжува да се произведува и тестира.

Да не се заразиме со изопачената воена логика, да не паѓаме во замката на омразата кон непријателот, да не очајуваме пред војните туку да го сееме семето на доверба, повика Папата.

На крајот од молитвената средба учесниците потпишаа Апел за мир, во духот на Асизи, во кој беа вклучени и зборовите на студентот бегалец од Сирија – Човештвото мора да стави крај на војната инаку војната ќе стави крај на човештвото. Едит Брук која го преживеа холокаустот симболично текстот на апелот го предаде на младите , а тие потоа на собраните во Колосеумот. Средбата заврши со мировен поздрав.

Светската средба на религиите за мир, 36 по ред беше отворена во неделата на 23 октомври под мотото „Крик за мир – религиите и културите во дијалог.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот