Првиот ден од историска посета на папата Фрањо во Ирак на 5 март заврши со средба со бискупите, свештениците, монаси и монахињи, теолози, семинаристи и катехисти во сиро – католичката катедрала во Багдад.
Папата ги повика ирачките свештеници и бискупи да не бидат заразени со „вирусот на обесхрабрување“ и покрај сите тешкотии. Како католичка заедница во Ирак, тие би можеле да ја збогатат земјата погодена од кризи и можат да бидат „како семе синапово“. Папата потсети на 48-те убиени христијани во терористичкиот напад на катедралата во 2010 година, за кои е започната постапка за беатификација. Тие платија највисока цена за својата верност кон Господ, рече Папата, кој зборуваше италијански и беше преведуван на арапски јазик. Споменот на овие жртви поттикнува на поголема довербата во силата на крстот, рече Светиот Отец.
Иако пасторалните предизвици се уште посилни во пандемијата со коронавирусот, не смееме да дозволиме да се ослабне нашата апостолска ревност. Во исто време, горливата молитва и верноста кон посланието на Црквата се добра „вакцина“ што ја зајакнува нашата енергија. Тешкотиите се дел од секојдневниот живот на ирачките верници, кои во последните години мораа да се соочат со војна и прогонства, рече Папата, заблагодарувајќи им се на свештениците и бискупите што останаа близу до народот и ги поддржуваа. Од древните корени и постојаното присуство на Црквата на Блискиот Исток секогаш може да се црпи нова сила.
Папата рече дека живата вера во Исус Христос е „заразна“ и може да го промени светот. Затоа, треба да се продолжи со пасторална грижа, при тоа да се напушти секаква форма на егоцентризам и натпреварување. Затоа што Христовата љубов бара „универзална припадност“. Различните цркви во Ирак се како многу шарени нишки испреплетени при ткаењето на еден единствен убав тепих, рече Папата, повикувајќи го присутното свештенство да го зачуваат сведоштвото за братското единство.
Папата беше пречекан во катедралата со поздравни говори од сирискиот католички патријарх во Антиохија, Игнатиј Јусеф III. Јунан и халдејскиот католички патријарх кардинал Луис Рафаел I. Сако, истакнувајќи ја важноста на неговото доаѓање за христијаните во регионот.
Утре Папата ќе ја продолжи посетата на Ирак во Наџаф, на југот на земјата, свето место на шиитскиот ислам, каде ќе се сретне со големиот ајатолах Али Ал-Систани, највисокиот шиитски авторитет во денешен Ирак.
Ватикан њуз/к.мк