Папата ја отвори Светата врата во Каритас куќата за бездомници
Светиот Отец на 18 декември ја посети обновената куќа на Каритас на улица Марсела, каде што ја отвори Светата врата во склоп на Јубилејот на милосрдието. Еден дел од зградата зазема народната кујна, посветена на свети Иван Павле II, а другиот дел е спални соби посветени на дон Луиџи ди Лиегру, основател на месниот Каритас. Светиот Отец служеше света Литургија за корисниците на куќата – бездомниците, мајки со деца, бегалци, а присутни беа и муслимани – во просторот каде што инаку благуваат.
За настанот за Радио Ватикан говореше монс. Енрико Ферочи, управител на Римскиот Каритас. Сакавме на римските сиромаси да им понудиме место каде ќе бидат прифатени и можат да јадат и спијат – рече монс. Ферочи, потсетувајќи дека Папата често кажува дека во сиромашните го гледаме Исусовото лице. Ова е куќа – заклучи – место на средба со Господ во сиромашните.
Домот, исто така, има и дневна сала со простор за компјутери, како и место каде луѓето можат да се сретнат и разговарат. Спалните соби имаат околу 200 кревети, кои бездомниците можат да ги користат до три месеци. Поделена е на два спрата: еден за жени и друг за мажи, а секоја соба има шест кревети. Куќата – која досега е најголем прифатен центар во Италија за кој се грижи Каритас – исто така има и капела, која ќе го опреми Папскиот дом.
РВ/Б.Р.