Папата: Црквата да ја живее убавината на заедничкото одење

Црквата и Синодата се синоними, бидејќи Црквата не е ништо друго, туку заедничко одење на Божјиот народ – рече папата Фрањо во говорот кој го одржа на 17 октомври во салата Павле VI по повод 50 годишнината од основањето на Епископската синода.

Во еден од најважните говори во своето папство, папата Фрањо истакна дека синодалната Црква и обновувањето на Петровиот примат ќе прими поголемо светло и осврнувајќи се на Апостолското Писмо Evangelii gaudium посака „здрава децентрализација“.

Во светот во кој живееме и кој сме повикани да го сакаме и да му служиме бара од Црквата зајакнување на соработката на сите подрачја на нејзиното послание. Токму тоа е патот на синодалноста оној кој Бог го очекува од Црквата во третиот милениум. Она што Господ во одредена смисла од нас го бара веќе е сумирано во зборовите „синода“. Да се оди заедно – лаици, пастири, римски епископ: поим кој лесно се изразува со зборови, но не е лесно да се примени во пракса.

Светиот Отец потоа зборуваше за „увидот“ кој Божјиот народ го поседува во распознавањето на новите патишта кој Господ ги отвора пред Црквата. Божјиот народ е свет преку помазанието примено од Бог, кој го прави незаблудлив ‘in credendo’ (во верувањето). Тоа уверување ме водеше кога сакав од Божјиот народ да барам мислење во подготвоката за двете синоди за семејството – рече Папата и додаде таквото советување никако не може да биде доволно за да се слушне ‘sensus fidei’ (чувството за вера).

Но, како би било можно да зборувам за семејството не вклучувајќи ги самите семејства и не слушајќи ги нивните радости и надеж, нивните болки и вознемирености? – праша Папата и истакна – Преку одговорите на два прашалника испратени на партикуларните Цркви добивме можност да слушнеме барем некои од нив за прашањата кои директно се однесуваат на нив и за кои што можат да се изјаснат.

Синодалната Црква е Црква која слуша свесна дека да слушаш значи повеќе отколку да чуеш – рече Светиот Отец. Станува збор за взаемно слушање во кое секој може нешто да научи. Верниот народ, епископскиот колегиум, римскиот епископ – едниот го слуша другиот, а сите го слушаат Светиот Дух, за да го сознаеме она што Он го говори на Црквите. Епископската синода – според зборовите на Папата – е точка во која се составува тој динамизам на слушање кое се води на сите нивоа во животот на Црквата. Синодалното одење започнува со слушање на народот, а продолжува со слушање на пастирите. Преку синодските оци епископите делуваат како вистински чувари, толкувачи и сведоци на верата на целата Црква – рече папата Фрањо.

Синодалниот пат на крајот својот врв го има во слушањето на римскиот епископ кој е повикан да се покаже како пастир и научител на сите христијани и тоа не тргнувајќи од своите уверувања туку како врховен сведок на верата на целата Црква. Фактот дека Синодата секогаш делува ‘cum Petro et sub Petro’ – па не само ‘cum Petro’ туку и ‘sub Petro’ – додаде Папата – не значи ограничување на слободата туку гаранција на единството. Синодалноста како конститутивна димензија на Црквата ни дава најсоодветна рамка на толкување за разбирање на самата хиерархиска служба.

Напоменувајќи потоа дека Исус ја основал Црквата ставајќи го на нејзиниот врв Апостолкиот колегиум во кој апостолот Петар е карпата, оној кој треба да ги „утврди“ браќата во верата, папата Фрањо кажа во таа Црква како во обрнатата пирамида врвот се наоѓа под темелите. Заради тоа оние кои имаат власт се нарекуваат „министри“ бидејќи според изворното значање тие се најмали меѓу сите. Од тој аспект самиот Петров наследник не е ништо друго повеќе од слуга Божји. Никогаш да не заборавиме – предупреди – дека за Исусовите ученици вчера денес и секогаш единствена власт е власта за служење, а единствена моќ е моќта на крстот.

Во синодалната Црква – рече Папата – Епископската синода е само најочигледен израз на динамизот на заедништвото која ги вдахнува сите црковни одлуки. Првото ниво на синодалноста се остварува во партикуларните Цркви во оние „тела на заедништво“ кои треба да бидат поврзани со темелот и кои тргнуваат од народот, од секојдневните проблеми; додека второто ниво се покажува посебно во епископските конференции. Во синодалната Црква како што веќе кажавме не е потребно Папата да ги надомести локалните епископи во распознавањето на сите проблеми кои се појавуваат на нивните терирории. Во таа смисла чувствувам потреба за здрава „децентрализација“ – рече Светиот Отец.

Последното ниво е општата Црква – истакна потоа папата Фрањо и објасни – Епископската синода бидејќи ја преставува католичките епископи станува израз на „епископска колегијалност“ внатре во синодалната Црква. Уверен сум дека во синодалната Црква и обновувањето на Петровиот примат може да се има поголема светлина. Папата не е сам над Црквата, туку е во неа како крстен меѓу крстените и во епископскиот колегиум како епископ меѓу епископите кој истовремено е – како наследник – на апостол Петар – повикан да ја води Црквата во Рим која во љубовта ги преставува сите цркви – рече папата Фарњо.

Проширувајќи го погледот на целото човештво Светиот Отец рече дека синодалната Црква е како карпа воздигната над народот во светот во кој – иако повикува на учествување, солидарност и транспаретност во управувањето со јавните работи – судбината на сите народи често е во алчните раце на моќните групи. Како Црква која „заедно оди“ меѓу луѓето негуваме сон дека повторно откривање на неповреденото достоинство на народот и должноста за служење власта ќе може да помогне и граѓанското општество да се изгради во праведност и братство, создавајќи поубав свет достоен за човекот, за генерациите кои ќе дојдат по нас – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот