Папата: Христијанинот не смее да биде неподвижен, неговото послание е да го навестува Исус
На празникот Прикажување на Господ во храмот (Сретение Господово), папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов потсети дека на светот му се потребни христијани кои одат по патиштата на животот носејќи им го на сите Исусовиот утешителен збор. Парохиите и различните црковни заедници во таа смисла се повикани да поттикнуваат ангажираност на младите, семејствата и старите – рече Папата осврнувајќи се на богопосветените лица кои во повлеченост работат многу.
Да дозволиме Исус, во согласност со нашето послание за навестување на евангелието, да нѐ вклучи во служба на браќата – рече папа Фрањо на 2 февруари 2020 година пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар. Папата потсети дека токму на празникот Прикажување на Господ во храмот (Сретение Господово), го славиме и „Денот на посветениот живот“ кој ни ја покажува големата милост на оние кои од блиску го следат Господ, исповедувајќи ги евангелските совети.
Евангелието од литургијата ни говори дека Исусовите родители, четириесет дена после раѓањето, го одвеле во храмот за да го прикажат на Бог, како што пропишува еврејскиот закон – рече Светиот Отец и напомена: И додека се говори за обредот кој припаѓа на традицијата, тој настан нѐ повикува да посветиме внимание на луѓето кои се опфатени во моментот кога го среќаваат Господ на местото каде се прикажува на присутните и близу до човекот. Се работи за Марија и Јосиф, Симон и Ана кои претставуваат пример за прифаќање и дар на сопствениот живот.
Меѓусебно се разликувале, но сите го барале Бог и дозволиле Он да ги води – рече папа Фрањо и забележа: Евангелистот Лука ја опишува нивната подвижност и восхитување. Марија и Јосиф одат кон Ерусалим, Симон поттикнат од Духот доаѓа во храмот, Ана дење и ноќе служела на Бог. Тие ни покажуваат дека христијанскиот живот бара подвижност и расположение за пат, дозволувајќи да нѐ води Светиот Дух.
Неподвижноста не одговара на христијанското сведочење и послание на Црквата- рече Папата и истакна: На светот му се потребни христијани кои може да се придвижат, кои не се изморуваат да одат на патиштата на животот, за да на сите би им го донеле Исусовиот утешителен збор. Секоја крстена личност примила евангелско послание за навестување на Исус. Парохиите и различните црковни заедници се повикани да потикнуваат ангажираност на младите, семејствата и старите, за да сите имаат христијанско искуство, живеејќи го животот и посланието на Црквата како протагонисти.
Марија и Јосиф се восхитуваат на работите кои се говорат за Исус – рече Светиот Отец и продолжи: Восхитувањето е изразита реакција и кај старецот Симон кој со своите очи во детето Исус гледа спасение кое Бог го подготви за својот народ и кое со години го исчекуваше. Истата работа важи за Ана зашто и таа го благословувала Бог. Тоа била „брблива“ старица која „брборела“ за добри работи, не за лоши, т.е. го навестувала Исус.
Тие личности се верници обземени со восхитување зашто дозволиле да бидат заробени и вклучени во настанот кој се одвивал пред нивните очи – рече папа Фрањо и додаде: Способноста за восхитување на работите кои нѐ опкружуваат го погодува верското искуство и средбата со Господ ја прави плодна. Напротив, неспосбноста за восхитување нѐ прави рамнодушни и ја зголемува оддалеченоста помеѓу патот на верата и секојдневниот живот. Браќа и сестри, да бидеме секогаш во движење, отворени за восхитување.
Да ја молиме Дева Марија да ни помогне секој ден да размислуваме за Исус, Божји дар за нас и Нему да му дозволиме со радосно восхитување да нѐ вклучи во своето движење на дарување за да стане целиот наш живот благодарност на Бог во служењето на браќата – заклучи Папата.
Завземањето за чување и заштита на човечкиот живот од почетокот до природниот крај, мора да се обнови и затоа треба да се спротиставиме на секој облик на кршење на достоинството, па и кога се работи за технологија и економија, отворајќи ја вратата за новите облици на братска солидарност – рече папа Фрањо после пладневната молитва, потсетувајќи на „Денот на животот“ кој во Италија се слави под мотото „Отворете ја вратата за животот“. Така Папата се придружи на пораката на италијанските бискупи за „Денот на животот“, поттикнувајќи да молиме за сите посветени лица. На крајот ги поздрави сите присутни верници и поклоненици.
Ватикан њуз/к.мк