Папата: Христијанинот е должен да навестува
За навестувањето, застапништвото и надежта во проповедта на светата Литургија на 22 април 2016 во капелата на домот Света Марта зборуваше Светиот Отец; ја истакна пак силната христијанска надеж во повторното Исусово доаѓање и поттикна на храбро навестување на Евангелието.
Навестување на Евангелието по цена на животот
Христијанскиот живот има три димензии: навестување, застапништво и надеж – рече Светиот Отец коментирајќи ги денешните литургиски читања. Христијанинот треба да ја навестува Исусовата смрт и воскресение заради нашето спасение. Исус е жив, тоа го навестувале апостолите на своите современици, а навестувањето го сведочиле со својот живот, со својата крв – рече Папата додавајќи:
Кога Петар и Иван биле изведени пред Синедрионот тие храбро зборувале дека не можат да го премолчат она што го виделе и слушнале, дека не можат да молчат. Ние христијаните веруваме дека во себе го имаме Светиот Дух кој ни гарантира дека Исус умре и воскресна заради нашите гревови. Христијанинот треба да навестува: „Христос е жив! Христос воскресна. Христос е меѓу нас во заедницата, тој нè придружува на патот.“ Не е секогаш лесно да се прифати тоа навестување, но воскреснатиот Христос е реалност и треба да се сведочи – рече папата Фрањо.
Исус е нашиот застапник кај Бог
Зборувајќи пак за посредувањето, Папата потсети на Исусовото обраќање на Последната вечера: Да не се вознемирува срцето ваше! Верувајте во Бог. Во домот на мојот Отец има многу места. Одам да ви приготвам место. Што тоа значи? Како Исус подготвува место? Молејќи се за секој од нас. Исус во овој момент се застапува за нас. Еднаш пред маката на Петар му кажал: Петре молев за тебе. Сега е посредник помеѓу Бог Отецот и нас – истакна Папата.
Исус е нашата надеж
Како моли Исус? Верувам дека на Отецот му ги покажува своите рани, затоа што ги понесе со себе: му ги покажува на Отецот именувајќи го секој од нас. Тоа е Исусовата молитва. Во овој момент Исус моли за нас, посредува – рече Папата, а потоа се осврна на третата димензија на христијанскиот живот. Надежта е една карактеристика на христијанскиот живот. Христијанинот се надева на повторното Исусово доаѓање. Целата Црква го очекува Исусовото повторно доаѓање. Тоа е христијанската надеж – рече Папата додавајќи:
Секој може да се праша како навестува. Каков е мојот однос со Исус кој се застапува за мене? Каква е мојата надеж? Верувам ли дека Господ воскресна, верувам ли дека за мене се моли? Секој пат кога ќе го повикам Тој моли, се застапува за мене. Верувам ли навистина дека Господ повторно ќе дојде? Би било добро да се преиспитуваме за својата вера: верувам ли во навестувањето? Верувам ли во посредувањето? Дали сум маж или жена на надеж? – заврши Папата.
РВ/к.мк