Папата Фрањо ја прими македонската делегација
Во саботата 23 мај, во претпладневните часови папата Фрањо ја прими во аудиенција Македонската делегација која е во посета на Рим во чест на празникот на светите браќа од Солун – Кирил и Методиј.
Делегацијата за таа прилика ја предводи претседателот на владата на Македонија г-дин Никола Груевски, придружуван од членови на владата и црковна делегација во која покрај претставникот на Католичката Црква во Македонија се и поглаварот на Македонската Православна Црква г.г. Стефан со други епископи членови на Светиот Синод.
Посетата беше срдечна и во пријатна атмосфера беа разменети поздравни говори и пригодни подароци.
Потоа премиерот Груевски се сретна со државниот секретар на Апостолскиот Престол, кардинал Пјетро Паролин.
На 24 мај во базиликата свети Климент папа во непосредна близина на Колосеум, каде се наоѓа гробот на свети Кирил ќе се служи молебен во чест на Македонските светци кои на словенските народи им подарија азбука и превод на Светото Писмо на старо македонски јазик, кој подоцна долги векови беше официјален јазик на сите словенски народи.
Покрај овие два главни настани, овие деновиве се предвидени и многу други настани од културата со кои се одбележува манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил“.
к.мк
Фотографија: Осерваторе Романо