Вториот воедно последен ден од апостолското патување на Малта Светиот Отец започна со посетата на пештерата и базиликата на Свети Павле во Рабат каде се присети на бродоломот на апостолот и „несекојдневното човекољубие“ кое го доживеал на островот. Таа срдечност и сочувствување мора и ден денес да бидат живи во прифаќањето на оние кои во ова време морските бранови ги доведуваат на брегот на Малта, нагласи Папата.
По приватната средба со браќата Исусовци во Апостолската нунцијатура во Рабат, Папата го започна вториот дел од апостолската посета на Малта со посетата на пештерата и базиликата Свети Павле, каде се задржа на молитва, ги поздрави верските поглавари и се сретна со група болни и оние во потреба.
Според традицијата свети Павле во спомнатата пештера поминува три месеци навестувајќи го Евангелието и околу неа се создава првата христијанска заедница на Малта. Местото го посетиле и претходниците на папата Фрањо – свети Иван Павле II и Бенедикт XVI.
Пристигнувајќи во 8.30 часот каде го пречека мноштво верници, Папата после краткиот поздрав се спушти во пештерата на лична молитва пред ликот на апостолот, а потоа запали свеќа со натписот „PAX“.
Потоа упати молитва за застапништво на свети Павле, во која ја спомнува човечноста и добрината на Малтежаните кои го примиле апостолот на народите. Во молитвата повторно побара благодат за добро срце кое чука во луѓето за да ги препознаат потребите на оние кои доаѓаат на нивните брегови повлечени од брановите, сочувствувањето да не им исчезне и да остане топлиот пречек и да го осветли патот на мирот.
Запишувајќи се потоа во Книгата за посети, Папата ги напиша следните зборови: „На ова свето место, кое потсетува на свети Павле, апостолот на народите и татко на верата на овие луѓе му благодарам на Господ и се молам Он секогаш да му подари на малтешкиот народ Дух на утеха и жар за навестување.“
Потоа помина низ црквата Свети Публиј во склоп на базиликата каде ја поздрави групата 14 верски поглавари, а потоа се помоли за зајакнување на верата на малтешкиот народ и го подели апостолскиот благослов на собраните. Пред да си замине, Папата се сретна со група 20 болни и во потреба на кои им помага локалниот Каритас.
Ватикан њуз/к.мк