Папата Фрањо: Тој што води војна не владее со своите страсти

Папата Фрањо: Тој што води војна не владее со своите страсти

Кога во срцето го прифаќаме Божјиот закон, сфаќаме дека мораме да го напуштиме животниот стил на кршење на ветувања, како и да преминеме од забрана за лажна заклетва до одлука да не се заколнеме воопшто, прифаќајќи став на целосна искреност кон сите – рече Светиот Отец во недела 16 февруари 2020 година пред молитвата на Ангел Господов на плоштадот Свети Петар.

Тој што води војна не владее со своите страсти – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар. Евангелието од неделната Литургија е делот кој говори за исполнување на законот од Говорот на гората кој ни покажува како мора да го извршуваме законот (Матеј 5, 17-37) – рече Папата и истакна: Исус сака да им помогне на своите слушатели за да имаат исправен пристап кон пропишаните заповеди на Мојсеј, потиќнувајќи ги да бидат отворени кон Бог кој преку закон нé воспитува за вистинска слобода и одговорност.

Се работи за тоа законот да го живееме како средство за слобода – рече Светиот Отец и предупреди: Да не заборавиме да го живееме како средство за слобода тој закон кој ни помага да бидеме послободни, да нé бидеме робови на страста и гревот. Да размислиме за војните, нивните последици и за девојчето која завчера, во Сирија, почина од студ. Има многу несреќи! Тие се плод на страста, а луѓето кои војуваат, не знаат да владеат со сопствените страсти. Им недостасува смислата за исполнување на законот. Кога ќе паднеме во искушение и страст повеќе не сме господари и протагонисти на сопствениот живот, туку стануваме неспособни да управуваме со него со волја и одговорност.

Говорот на Исус е составен од четири спротивности кои се изразени во форма на „Сте слушале дека им било речено на старите…, а Јас ви велам …“- рече папата Фрањо и забележа: Тие спротивности се однесуваат на многуте ситуации од секојдневниот живот, како што се убиствата, неверствата, разводите и заклетвите. Исус не ги укинува заповедите во врска со овие прашања, туку го објаснува нивното целосно значење и укажува на духот со кој треба да ги исполниме. Нè потикнува да преминеме од формалното почитување на законот кон исполнување на законот во она што е важното, прифаќајќи го законот во срцето кој е центар на намерите, одлуките, зборовите и гестовите на секој од нас. Добрите и злите дела произлегуваат всушност од срцето!

Со прифаќање на Божјиот закон во своето срце, разбираме, кога не го љубиме нашиот ближен, на некој начин се убиваме себеси и другите, затоа што омразата, соперништвото и поделбата ја убиваат братската љубов која е темел на меѓучовечките односи – рече папата Фрањо и додаде: Тоа се однесува на она што го реков за војните и озборувањето, затоа што јазикот убива. Со прифаќање на Божјиот закон во своето срце, сфаќаме дека со желбите мора да управуваме, затоа што сето она што го посакуваме, не можеме да го имаме и не е добро да се препуштиме на себични и посесивни чувства.

Кога го прифаќаме Божјиот закон во нашите срца, сфаќаме дека мора да го напуштиме начинот на живот на кршење на ветувањето, како и да преминеме од забраната за лажна заклетва до одлуката воопшто да не се заколнеме, прифаќајќи го ставот за целосна искреност кон сите – рече Светиот Отец и објасни: Но Исус е свесен дека заповедите не е лесно да се живеат на таков потполн начин. Затоа како помош ни ја дава својата љубов. Дојде на светот не само да го исполни законот, туку и да ни даде милост, за да можеме да ја вршиме Божјата волја, љубејќи го Него и браќата.

Сè можеме да сториме со Божја милост! Напротив, светоста не е ништо друго туку чување на таа бесплатност и милост која Бог ни ја даде. Станува збор за доверба во Него, Наговата милост и бесплатност која ни ја даде и прифаќање на раката која без прекин ја пружа кон нас, за да може да ни помогне со својата добрина и милосрдие во нашите напори и потфати. Исус денес од нас бара да напредуваме на патот на љубовта кој ни го покажа и кој започнува од срцето. Тоа е патот по кој треба да одиме за да живееме како христијани. Нека Дева Марија ни помогне да го следиме патот кој го помина нејзиниот Син, за да ја оствариме вистинската радост и секаде да ја шириме правдата и мирот – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот