Папата Фрањо: Срамна е поделбата меѓу христијаните
Нашиот дијалог треба да продолжи! – напиша папата Фрањо во пораката упатена до Генералниот секретар на Екуменскиот Совет на Црквите (ЕСЦ), Олав Фиксе Твеит, по повод 50 годишнината од Мешовитата работна група на ова тело и на Католичката Црква.
Пораката од Папата, попладнето на 23 јуни, ја прочита кардиналот Курт Кох, претседател на Папскиот Совет за единство на христијаните, на нивниот состанок одржан во Рим, во Центарот ‘За Едионство’.
Светиот Отец во пораката го изрази своето задоволство заради значајните постоечки екуменски односи, како и заради сите постигнати цели во текот на изминатите години, инспирирани од желбата за единство кое Христос го сака за својата Црква, за своето тело, но ја истакна и својата жалост заради срамната поделба меѓу христијаните. Потоа Папата од мешовитата работна група побара да не биде само набљудувачко тело, туку да биде работилница на конкретни идеи, отворена за сите можности и предизвици со кои Црквата и ден денес се соочува во својата мисија за придружување на човештвото кое трпи, и тоа со ширење на вредностите и вистината на Евангелието во општеството и културата.
Уште еднаш спомнувајќи го страданието предизвикано од поделбата меѓу христијаните, папата Фрањо ја поттикна Мешовитата работна група да се справи со клучните екуменски прашања и да ги промовира начините на сведочење на реалното, иако несовршено, заедништво меѓу сите христијани. На крајот од пораката Светиот Отец истакна надеж во дарот за потполното видливо единство меѓу сите христијани, така што Црквата би можела сѐ повеќе да биде знак на надежта во светот и алатка за помирување меѓу народите.
РВ/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк