Папата Фрањо: Семејството е составен дел од Божјиот план на љубовта

Епископите се повикани да соработуваат во Божјиот „сон“ грижејќи се за Неговото лозје односно за народот кој сака да го направи свет – рече папата Фрањо утрото на 5 октомври, поттикнат од Литургиските читања, во проповедта на света Литургија при отворањето за вонредната Епископска синода посветена на семејството. „Господовото лозје е Неговиот „сон“, проект за кој се грижи со Својата љубов како лозарот кој се грижи за своето лозје. Лозјето е билка која бара многу грижа – истакна Светиот Отец и продолжи:

„Божјиот „сон“ е Неговиот народ : Тој го посадил и за него се грижи со трпеливост и верна љубов, за да стане свет народ; народ кој донесува толку добри плодови на праведност. Меѓутоа и во старото пророштво како и во Исусовата парабола, Божјиот сон е попречен. Исаија вели лозјето кое толку е сакано и обработувано, „родило диво грозје“, додека Бог се „надевал на правда, а ете неправда; се надевал на правичност, а ете плач. Во Евангелието од друга страна, лозарите го уништуваат Господовиот план: не ја вршат својата работа, туку мислат на сопствените интереси“ – објасни Папата.

„Исус во својата парабола“ – продолжи Светиот Отец – „се обраќа на свештеничките поглавари и народните старешини, т.е. на „мудрите“, на слојот кој управува. На нив Бог на посебен начин им го доверил својот „сон“, односно својот народ, за да го обработуваат, да се грижат за него и да го чуват од диви животни. Тоа е задачата на поглаварите на народот: да се грижат за лозјето во слобода, креативност и совесност“ – истакна папата Фрањо, додавајќи:

„Меѓутоа, Исус вели како овие лозари го преземале лозјето; заради нивната алчност и горделивост сакале од него да направат она што ќе посакаат и така го оневозможиле остварувањето на Божјиот сон за народот кој го избрал.“

„Исушението на алчноста секогаш е присутно. Го пронаоѓаме во големото пророштво на Језекиил за пастирите кое го коментира свети Августин во една од своите славни расправи, а кои ги читавме во часословот. Алчноста за пари и моќ. И како таа алчност би се задоволила, злите пастири на луѓето на плеките им товарат тешки бремиња, а самите ниту со прстот не мрднуваат“ – предупредува Папата и додава:

„И ние, на синодата повикани сме да работиме за лозјето Господово. Синодското собирање не служи да расправаме за убави и оригинални идеи или да видиме кој е најпаметен… Служи за најдобро да се грижиме за лозјето Господово, за да соработуваме во Неговиот сон, во Неговиот проект на љубовта со својот народ. Во овој случај, Господ од нас бара да се грижиме за семејството кое од постанокот на светот е составен дел на Неговиот план на љубовта за човештвото.“

„Сите сме грешници и ние можеме да бидеме во искушение да го „преземеме“ лозјето заради алчноста која во нас никогаш не е мала“ – напомена Светиот Отец – „Божјиот сон секогаш е во конфликт со лицимерието на некои од неговите служители. Ние можеме да „попречиме“ на Божјиот сон ако не дозволиме Светиот Дух да нè води. Духот ни дава мудрост која го надминува знаењето, за великодушно да работиме, во вистинската слобода и понизна креативност.“

„Синодски браќа“ – заклучи Папата – „ за да се грижиме добро за лозјето потребно е нашето срце и ум да ги чува Исус Христос во мирот Божји кој е над секој разум. Затоа нашите мисли и нашите планови ќе бидат сообразени со Божјиот сон: да обликуваме свет народ кој му припаѓа и кој донесува плод за Царството Божјо“ – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот