Папата Фрањо: Секога имаме време со добро да го излекуваме злото

Папата Фрањо: Секога имаме време со добро да го излекуваме злото

Параболата за несправедливиот настојник од Евангелието од денешната Литургија го преиспитува христијанинот и го повикува да биде снаодлив, обезбедувајќи си не световен успех, туку живот вечен и повеќе вреднувајќи ги луѓето и односите отколку добрата и богатствата кои ги поседува – рече Папата пред молитвата Ангел Господов.

Секогаш имаме време со добро да го излекуваме злото – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во неделата на 22 Септември 2019 година, на плоштадот Свети Петар. Главниот лик во параболата од Евангелието за денешната Литургија е лукав и нечесен настојник, кој е обвинет дека го растура имотот на својот господар и се наоѓа пред отказ (Лк 16, 1-13) – рече Папата и истакна, во таа тешка ситуација не обвинува, не се оправдува и не се обесхрабрува, туку пронаоѓа решение за да си обезбеди мирна иднина.

Пред сѐ покажува досетливост признавајќи ги своите ограничувања: „Да копам, не можам; да просам – се срамам“ – рече Светиот Отец и истакна, потоа постапува досетливо, поткрадувајќи го последен пат својот господар. Имено ги повикува должниците и им го намалува долгот кој го имаат кон господарот, правејќи од нив така свои пријатели за подоцна да му возвратат. Исус тој пример сигурно ни го дава не за да нѐ поттикне на нечесност, туку на снаодливост.

Имено, истакнува: „И го пофали господарот несправедливиот настојник, оти постапил досетливо“, односно со таа мешавина на досетливост и лукавост која овозможува да се надминат тешките ситуации – рече папата Фрањо и објасни: Клучот за разбирање на тој настан се наоѓа во Исусовиот повик: „Создадете си пријатели со неправедно богатство па, кога осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта.“ Нечесно богатство се парите и воопшто материјалните добра. Богатството може да нѐ поттикне да градиме ѕидови, да создаваме поделби и да дискриминираме.

Исус напротив своите ученици ги повикува да ја променат насоката: Создадете си пријатели со богатството – рече Папата и напомена: Тоа е повик за да знаеме како добрата и богатството да ги претвориме во односи затоа што луѓето вредат повеќе од работите и богатствата кои се поседуваат. Имено, во животот плод не донесува оној кој има многу богатство, туку кој создава и одржува многу врски, односи и пријателства преку различни богатства, односно преку различните дарови со кои Бог го обдарил.

Но, Исус исто така укажува и на крајната цел на својот наговор: „Создадете си пријатели со богатството за да ве примат во вечните живеалишта“ – рече Светиот Отец и продолжи: Ако бидеме способни да го преобразиме богатството во средство за братство и солидарност, во рајот ќе нѐ примат, не само Бог, туку и оние со кои богатството сме го делеле, управувајќи го добро со сѐ што Господ ставил во нашите раце. Тој евангелски дел ни го наметнува прашањето на нечесниот настојник кој господарот го отпуштил: Што да правам?

Соочен со нашите недостатоци и грешки, Исус ни гарантира дека секогаш имаме време со добро да го излекуваме злото кое сме го направиле. Кој предизвикал солзи на некој нека го направи среќен и кој проневерил нека дарува на оние во потреба. Ако така правиме Господ ќе нѐ пофали затоа што снаодливо и мудро сме постапиле, признавајќи се за Божјо дете и ризикувајќи го животот заради Царството небесно – заврши папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот