На средбата со епископите од латински обред во арапските региони, папата Лав XIV ја повика Црквата да се соочи со конфликтите и поделбите преку солидарност со сиромашните и да сведочи дека е можно да се живее, да се служи и да се надева заедно.
Папата Лав XIV во четврток, 3 септември 202 година, , се сретна со членовите на Конференцијата на латинските епископи од арапските региони, кои го одржуваат својот годишен состанок во Рим.
Во своето обраќање, Папата истакна дека епископите ги водат локалните Цркви распространети низ „огромен и разновиден регион“, служејќи во контексти често обележани со политички, социјални и религиозни тензии.
Тие Цркви го познаваат сведоштвото на мачеништвото, рече тој, посочувајќи на многуте свештеници, монаси, монахињи и мирјани кои го дале својот живот за верата во Ирак, Сирија и во други земји погодени од конфликти.
Папата Лав XIV нагласи дека црковните водачи треба да бидат блиску до својот народ и да ги споделуваат неговите рани преку слушање и утеха, особено кога семејствата се принудени да емигрираат, а заедниците стануваат сè поранливи.
Дури и во областите каде што католиците се малцинство, плодноста на Црквата се гледа во верноста кон Евангелието, рече Папата.
„Во срцето на општества обележани со конфликти и поделби“, рече тој, „вашите заедници нека покажат дека е можно да се живее, да се служи и да се надева заедно.“
Преку својата работа во парохиите, училиштата и болниците, Црквата го прави Евангелието видливо и опипливо, слушајќи ги, прифаќајќи ги и поддржувајќи ги оние на кои им е потребна помош, особено преку делувањето на монашките заедници.
„Во вонредни состојби, не ги губете од вид суштинските работи на мисијата на Црквата: проповедањето на Евангелието, молитвата, светите Тајни и христијанското образование“, рече Папата.
Папата Лав XIV ги повика епископите да посветат посебна грижа на семејствата и младите, кои се соочуваат со тешкотии и неизвесност.
Младите, рече тој, ја примаат верата во семејството и имаат корист од слушање, поучување и катехеза во својата заедница.
Папата ги повика епископите да се грижат и за мигрантите кои живеат далеку од своите семејства и често во осаменост, особено во земјите од Заливот, каде што ги има во голем број.
„Вашите заедници нека бидат домови во кои никој не се чувствува како странец“, рече тој. „Заштитете го достоинството на секој човек и препознајте во секој мигрант брат или сестра. На тој начин милосрдието станува сведоштво за Евангелието и училиште на братството.“
Папата Лав XIV ги охрабри епископите да го зачуваат заедништвото меѓу Црквите од различни обреди, нарекувајќи ја разновидноста на христијанските традиции „богатство што треба да се живее во единство“.
Тоа заедништво, додаде тој, треба да ги води кон искрен дијалог со другите христијани и со муслиманските заедници.
„Дијалогот не значи откажување од сопствениот идентитет, туку живеење без страв од средба“, рече Папата. „Секаде каде што војната посеала недоверба, секој гест на почит, соработка и уважување може да стане чекор кон помирување и мир.“
На крајот, папата Лав XIV ги повика латинските епископи од арапските региони да го прават Христос присутен и да го навестуваат Неговото Слово преку светите Тајни и молитвата.
„Не барајте пред сè успех или признание, туку барајте верност“, рече тој. „Бидете гласови на вистината, правдата и мирот; луѓе на молитвата, пастири блиски до својот народ, градители на помирувањето и сведоци на милосрдието.“
Ватикан њуз/к.мк

