Неколку дена пред Божиќ, папата Фрањо на Генералната аудиенција зборуваше за раѓањето на Исус и ја истакна радоста од спознанието дека сме љубени со конкретна љубов; без понизност никогаш нема да го најдеме Бога.
Со катехеза на Генералната аудиенција одржана во салата на Павле VI, папата Фрањо ги поведе верниците до јаслите за да му се поклонат на тоа Дете и да препознаат дека Тој е Бог. И таму, размислувајќи да молат за милоста понизност, единствениот начин да се пронајде Исус, за кршење на синџирите на себичноста и безусловната љубов единствено кон себе.
Господи, да не бидам арогантен, самодоволен, да не верувам дека јас сум центарот на вселената. Направи ме понизен. Дај ми ја благодатта на понизност. И да те пронајдам со таа понизност. Само така – истакна Папата – без понизност никогаш нема да го пронајдеме Бога; ќе се најдеме само себеси. Зашто, човек кој нема понизност, нема хоризонти пред себе, има само огледало; гледајќи се себеси. Го молиме Господ да го скрши огледалото за да можеме да гледаме понатаму, кон хоризонтот, каде што е Тој. Но, тоа Тој треба да го направи: да ни даде благодат и радост во понизноста за да можеме да чекориме по тој пат – истакна Папата.
Зборувајќи за раѓањето на Исус, Создателот на вселената, на кого не му беше дадено место каде да се роди, Светиот Отец ги спомна ангелите кои на пастирите им ја соопштиле веста, ѕвездата која ги водела мудреците и ги водела до вистинската светлина која го осветлува секое човечко суштество, која свети во теминината. Пастирите ги претставуваат понизните луѓе кои се свесни за сопствените недостатоци и затоа повеќе се надеваат на Бог отколку на другите. Тие се првите што го виделе Божјиот Син , кој стана човек и оваа средба длабоко ги менува.
Евангелијата не велат дека мудреците биле цареви, туку дека тие дошле од далечна земја од Исток, тргнувајќи на патување во потрага по царот на Јудејците – рече Папата. Мудреците ги претставуваат паганските народи, посебно сите оние кои го барале Бога низ вековите и тргнале на пат за да Го најдат. Тие ги претставуваат и богатите и моќните, но само оние кои не се робови на поседувањето, кои не се „опседнати“ со работите за кои веруваат дека ги поседуваат.
Мудреците можеби биле големи, според логиката на светот, но тие самите се направиле мали, скромни и затоа успеале да го пронајдат Исус и да го препознаат. Тие понизно прифаќаат да бараат, да се движат по патот, да прашуваат, ризикуваат и да грешат. Драги браќа и сестри, само понизноста е патот што нè води до Бога и, во исто време, токму затоа што нè води до него, нè води до суштината на животот, до неговата вистинска смисла, до најсигурната причина зошто вреди да се живее животот. Само понизноста целосно нè отвора за искуството на вистината, вистинската радост, спознанието кое е важно. Без понизност ние сме „отсечени“ да го разбереме Бога, да се разбереме себеси. Треба да бидеме понизни за да се разбереме себеси, уште повеќе за да го разбереме Бога – објасни Папата.
Потсетувајќи на молитвата на свети Анселм: „Господи, научи ме да те барам и покажи ми се кога те барам. Не можам да те барам ако не ме научиш и не можам да те најдам ако не се појавиш. Дај да те барам посакувајќи те и те сакам барајќи те. Дај да те најдам барајќи те и да те сакам наоѓајќи те“ (Прослогион, 1), истакна папата Фрањо дека секој човек во своето срце е повикан да го бара Бога. Сите ние го имаме тој немир и наша работа е да не го изгаснеме, да го оставиме да расте, бидејќи тоа е немир за копнежот на Бога и со Неговата благодат може да се пронајде.
Поканувајќи ги сите луѓе во Витлеемската пештера да му оддадат почит на Божјиот Син кој стана човек, папата Фрањо рече дека сака да ги стави сиромашните на прво место, кои – како што рече свети Павле VI. – треба да ги сакаме, бидејќи тие на некој начин се Христовиот сакрамент. Потоа ги внесува оние кои не веруваат, сите оние кои немаат верски немири, кои не го доведуваат во прашање Бога или дури и се борат против религијата, сите оние кои погрешно се нарекуваат атеисти. На нив, Папата ја повтори пораката од Вториот ватикански собор дека Црквата верува дека признавањето на Бога на ниту еден начин не се противи на човечкото достоинство, бидејќи тоа достоинство својот темел и совршенство го наоѓа токму во Бога (…). Црквата совршено добро знае дека нејзината порака е во согласност со најскриените стремежи на човечкото срце.
Бог попрво нѐ возљуби – повторно истакна Папата – со конкретна љубов која стана тело. Тоа е причината за нашата радост; сакани сме, барани сме, Господ нѐ бара да нѐ најде, да нѐ сака уште повеќе. Тоа е причината за радоста: да знаеме дека сме сакани без никаква заслуга; во љубовта Бог секогаш ни претходи, со толку многу конкретна љубов што стана човек и дојде да се всели меѓу нас, во тоа Дете што го гледаме во јаслите. Таа љубов има име и лице; тоа е Исус. Исус е името и лицето на љубовта, која е основата на нашата радост – истакна Папата и ги охрабри верниците деновиве покрај семејните собири и честитки, да бидеме свесни дека Бог доаѓа токму за секој од нас.
Секој нека каже: Господ доаѓа кај мене. Потребна е да бидеме свесни дека е потребна понизност за да се бара Бог, да се најде и прифати Бог; треба понизно да се погледне благодатта на кршењето на огледалото на суетата, ароганцијата, гледањето во себе. Треба да погледнеме во Исус, во хоризонтот, да погледнеме во Бога кој доаѓа кај нас и кој ни ги допира срцата со тој немир што нè води кон надежта – рече папата Фрањо и на крајот на сите им посака среќен Божиќ.
Ватикан њуз/к.мк