Папата Фрањо: Патот на христијаните е патот на Исус

Ватикан, 12.7.2013 /к.мк/ – „Јас ве праќам како овци меѓу волци “, им вели Исус на апостолите во денешното читање од Евангелието (Матеј 10,16-23) со што им навестува дека ќе бидат предадени на судови, но и ги потсетува дека „кој претрпи до крај, ќе биде спасен. “. Не еднаш папата Фрањо во веќе речиси четири месечниот понтификат се задржува на темата за прогоните на христијаните.

Да си христијанин, наведува Папата, значи да го следиш Исус и не треба да се плашиме ако сме прогонувани. Ќе „бидете замразени од сите заради Моето име“, вели Исус во денешното Евангелие:

„Патот на христијаните е патот на Исус. Ако сакаме да го следиме Исус, нема друг пат, туку само оној којшто Тој ни го посочи. Една од последиците на тоа е омраза, омразата на светот. Светот го сака она што е негово. „Јас ве избрав од светот“: Исус нè избави од светот, нѐ избра нас, а тоа е чиста благодат! Со смртта и воскресението, тој нè ослободи од моќта на светот, од силата на ѓаволот, од силата на кнезот на светот. Нашето спасение е причина за омраза, бидејќи принцот на светот не го сака нашето спасение“. (Проповед во „Света Марта“, 4 мај 2013)

Папата Фрањо потсетува исто така, дека „со принцот на овој свет не може да се води дијалог“, туку можеме само да му „одговориме со Словото Божјо, кое нѐ заштитува“. Треба да сме смирени и кротки како овци, бидејќи без пастир, кој нѐ брани можеме да паднеме во канџите на волците:

„Да размислиме за Христос за време на неговото страдање. Пророкот вели: „Како овца Он беше одведен на колење“ (Исаија, 53, 7). Не изусти ниту збор: Понизност. Понизност и кроткост. Ова е оружјето кое принцот на светот и духот на светот не го толерираат, бидејќи нивните предлози се предлози за секуларна власт, за суета, предлози за стекнување на лоши богатства!“.

Во денешниот евангелски извадок Исус зборува и за мисијата. Евангелизацијата е во центарот на бројните зборови и обраќања на папата Фрањо, кој често нѐ повикува да одиме во „периферијата на човековото постоење“:

„Денес можеме да побараме од Светиот Дух, да ни го подари на сите апостолскиот жар и благодатта за да донесеме живот и во бројните мирни нешта во Црквата; да ни подари благодат за да одиме кон периферијата на човековото постоење. Црквата има голема потреба од тоа! Не е доволно да одиме во далечните земји, во младите Цркви, меѓу народи кои уште не го знаат Исус Христос, туку ние треба да одиме во денешните градови, кои имаат потреба од пораката на Исус Христос. Да ја бараме од Светиот Дух благодатта на апостолскиот жар, благодатта да бидеме христијани со апостолски жар. Напред, како што му вели Господ на Павле: „Храбро!“. (Проповед, „Света Марта“, 16 мај 2013)

Во евангелскиот извадок Исус им вели на своите апостоли дека ќе бидат прогонувани по судови, ќе бидат камшикувани и изведени пред управниците и царевите „заради Него“, „за да сведочат пред нив и народите“, но ги повика „да не се грижат, како или што ќе зборуваат“, бидејќи „Духот на Отецот ќе зборува во нив“. Но ги потсетува исто така, дека ќе бидат „намразени од сите“ заради Неговото име. Реалност која постои уште од почетокот на вековите до денес:

„Времето на мачениците не е завршено: денес можеме да кажеме дека во Црквата има повеќе маченици, отколку во првите векови. Во Црквата има многу мажи и жени кои се наклеветени и кои се прогонувани, кои се убивани од омраза кон Исус, од омраза кон верата: овој е убиен, бидејќи предава катехизам, овој е убиен затоа што носи крст … Денес, во многу земји ги клеветат и гонат … тие се наши браќа и сестри, кои денес страдаат во ова време на маченици“. (Проповед во „Света Марта“, 15 април 2013)

„Но кој претрпи до крај, ќе биде спасен. “, наведува на крајот Исус во Евангелието. Папата Фрањо појаснува од каде доаѓа силата на првите ученици, за да ја сведочат нивната радост и храброст без пречки и омраза:

„Јасно е дека само присуството на воскреснатиот Господ со нив и дејството на Светиот Дух може да го објаснат овој факт. Имено Господ, кој е со нив и Духот, кој ги охрабрува да проповедаат, можат да го објаснат овој исклучителен факт. Нивната вера се базира на едно силно и лично искуство кое произлегува од Христос, умрен и воскреснат. Затоа, не се плашат од ништо и никого, па дури и го гледаат прогонството како чест, која им овозможува да ги следат чекорите на Исус и да се изедначат со Него, покажувајќи го тоа со животот“. (Молитва „Небесна царице“, 14 април 2013)

Кога човек ќе го сретне Христос, одговара со „љубовта и силата на вистината“, бидејќи, потсетува Папата, „братската љубов е најблиското сведоштво што можеме да го дадеме, дека Исус е жив меѓу нас, дека Исус воскресна“. (В.Н.)

Категорија: духовнитекстови

За авторот

Write a Comment

<