Папата Фрањо упати порака до учесниците на 8. конференција „Нашиот океан“ што се одржа во Панама и ги повика владите ширум светот да ги заштитат океаните во корист на идните генерации.
Панама беше домаќин на 8. конференција „Нашиот океан“ на тема „Нашиот океан, наша поврзаност“ за да се нагласи важноста на знаењето како основа на активностите и политиките за обезбедување заштита на океаните.
Настанот се одржа одделно, но во исто време, кога националните влади одржаа револуционерни преговори под покровителство на ОН во Њујорк, кои постигнаа нов Договор за отвореното море, чија цел беше да се зачуваат океанските области надвор од националните јурисдикции.
Светиот Отец упати порака до учесниците на конференцијата Нашиот Океан што се одржа во Панама на 2 и 3 март 2023 година, а која во понеделник 6 март, е објавена со потпис на државниот секретар на Папата, кардинал Пиетро Паролин.
Дар од Создателот за целото човештво
Во својата порака, Папата ја истакнува важноста на понизноста, благодарноста и стравопочитта. Тој истакна дека сите луѓе зависат од океаните и дека со право се сметаат за заедничко наследство на човештвото. Океаните, додаде Папата, ни се дадени како дар од Создателот и затоа мораме да работиме на нивно праведно и одржливо користење за да ги предадеме на идните генерации.
Поврзани со заеднички океан
Папата Фрањо ги повика политичарите и деловните претставници на конференцијата да прифатат сеопфатна визија за екологијата во согласност со неговата енциклика Laudato si’.
Папата напоменува дека океаните се соочуваат со голем број закани, вклучително и загадување и нелегален риболов, како и новонастанатата екстрактивна индустрија на морското дно. Ги спомна и бројните трагедии на мигрантите кои се случуваат на отворено море. Како одговор, ги повика владите да ја препознаат меѓусебната поврзаност и меѓузависност помеѓу заедниците и земјите што ги поврзуваат океаните. Ние сме едно семејство, го делиме истото неотуѓиво човечко достоинство и живееме во заеднички дом за кој сме повикани да се грижиме.
Три правци на надеж
Папата потоа понуди три насоки за подобрување на односот на човештвото со океаните. Прво, рече тој, мораме да го слушаме плачот на сиромашните и на земјата, и затоа итно да ги преиспитаме стратегиите за раст засновани на модели на отпад и неодржлива потрошувачка.
Второ, човештвото мора да се обедини за да ги заштити и обнови морските, крајбрежните и речните екосистеми.
На крајот папата Фрањо рече дека владите треба да создадат ефективни системи на управување за да ги регулираат и координираат активностите на океаните. Работејќи во овие насоки секогаш ќе има надеж – истакна Папата.
Ватикан њуз/к.мк