Треба да се плашиме од срце вкоренето во зло, рече Папата Фрањо во наговорот пред молитвата Ангел Господов на 1 јули 2015 година
Евангелието од оваа недела прикажува две чуда, кои ги направи Исус, опишувајќи ги скоро како некој вид славенички и добитнички поход за живот – рече Папата на 1 јули 2018 година на плоштадот Свети Петар, пред пладневната молитва Ангел Господов и продолжи: Евангелистот најпрво проповеда за Јаир, еден од настојниците на синагогата, кој доаѓа кај Исус и го замоли да дојде во неговата куќа, бидејќи умира неговата дванаесет годишна ќерка.
Исус прифаќа и оди со него, но по пат доаѓа веста дека девојката умрела –рече Папата и забележа: Можеме да замислиме како се чувствувал таткото. Но Исус му вели: „Не плаши се, само верувај“! Откако стигнале во куќата на Јаир, Исус им рече сите да излезат надвор, во собата ги зема со себе само родителите и тројцата ученици и обраќајки се на умрената девојка ѝ вели: „Девојко, стани!” Девојката веднаш станала како да се разбудила од длабок сон.
Евангелистот Марко во овој извештај за чудото вметнува уште едно чудо; Оздравување на жената која боледувала од крвотечение, а оздравува откако ќе се допре до Исусовата облека – рече Светиот Отец и напомена: Тука е интересен фактот дека верата на таа жена е привлечена од божествената спасителна моќ, која е во Христос, кој почувствувал дека од Него излегла сила и се обидува да сфати кој тоа го направи. А кога жената се покажала и признала сѐ, Тој ѝ вели: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси“.
Станува збор за два споени настани со една срж: верата – рече Папата и објасни: Тие го покажуваат Исус како извор на животот, како Оној кој дава живот на оној кој потполно се надева на Него. Двата главни лика, таткото на девојката и болната жена, не се ученици Исусови, но сепак нивните молитви се услишани заради нивната вера. Од тука сфаќаме дека на Господовиот пат сите се прифатени; никој не смее да се чувствува како наметнат, илегален или некој кој нема право.
За да би имале пристап до Неговото срце постои само еден услов – рече папата Фрањо, нагласувајќи: Да чувствуваме потреба од неговото оздравување и доверба во Него. Исус оди да ги пронајде тие луѓе и да ги извлече од анонимноста, ги ослободува од стравот да живеат и да бидат храбри. Тоа го прави со поглед и со зборови кои ги става на пат после толкави страдања и понижувања. И ние сме повикани да ги научиме и да ги имитираме тие зборови кои ослободуваат и тие погледи кои ја враќаат волјата за живот кај оние кои се лишени од тоа.
Во тој евангелски дел се испреплетуваат теми поврзани со верата и новиот живот кој Исус дојде да го понуди на сите – рече Светиот Отец и продолжи: Влегувајќи во куќата во која девојката веќе лежеше мртва, ги истера оние кои се лутат и очајуваат и вели: „Таа не е умрена, туку спие.” Исус е Господ, пред Него телесната смрт е као сон, нема причина за очајување. Треба да се плашиме од другата смрт, а тоа е смртта на срце вкоренето во зло! Но и гревот за Исус никогаш го нема последниот збор, бидејќи Тој ни го донесе бескрајното милосрдие на Отецот. Ако сме паднале ниско, Неговиот нежен и силен глас доаѓа до нас: „Ти велам, стани!“
Вкоравеното срце кога ќе се стврдни е како мумија – рече папата Фрањо и поттикна: Да ја замолиме Блажена Девица Марија да нѐ придружува на патот на верата и конкретната љубов, посебно кон оние кои имаат потреба. Да го повикаме нејзиното мајчинско застапништво за нашите браќа и сестри кои страдаат во тело и дух.
Ватиканњуз/к.мк