Папата Фрањо: Не постои индустрија за мир
Драги браќа и сестри, добар ден!
Минатите денови како што знаете, бев на поклонение во Светата Земја. Тоа беше голем дар за Црквата и Му благодарам на Бог за тоа. Тој ме водеше во таа благословена земја, во која Исус стана присутен во историјата и каде што се случиле главните настани за јудаизмот, христијанството и исламот. Сакам повторно да му ја упатам својата искрена благодарност на Неговото Блаженство патријархот Фуад Твал, на епископите од различни обреди, свештениците, фрањевците од Светата Земја. Прекрасни се тие фрањевци! Прекрасно е тоа што го работат, тоа што го прават! Исто така благодарам на јорданските, израелските и палестинските власти кои ме примија со голема љубезност, би рекол дури и со пријателство, како и сите оние кои соработуваа на остварувањето на таа посета.
1. Главна цел на тоа поклонение беше одбележување на сеќавањето на 50 годишнината од историската средба помеѓу папата Павле VI и патријархот Атенагора. Тоа беше прв пат еден Петров наследник да ја посети Светата Земја: така, Павле VI во текот на Вториот Ватикански Собор го внесе патувањето на папите надвор од Италија. Тој пророчки гест на римскиот епископ и цариградскиот патријарх претставува пресврт во болниот, но ветувачки пат за единство на сите христијани, на кој што од тогаш направиле важни чекори. Затоа мојата средба со Неговата Светост Вартоломеј, љубениот брат во Христос претставуваше врв на таа посета. Заедно молевме на Исусовиот гроб, а со нас беа и грчко-православниот ерусалимски патријарх Теофил III и ерменскиот апостолски патријарх Нуран, како и надбискупи и епископи на неколку Цркви и заедници, претставници на граѓанската власт и многу верници. На тоа место каде одекнуваше воскресното навестување ја почувствувавме сета горчина и болка на поделбите кои сѐ уште постојат меѓу Христовите ученици. И тоа навистина задава голема болка, болка на срцето. Уште сме поделени; на тоа место каде одекна самото навестување на Воскресението, каде Исус ни дава живот, ние сме сѐ уште поделени. Меѓутоа пред сè, во тоа славење во силниот знак на взаемното братство, почитување и љубов, силно го почувствувавме гласот на Добриот Пастир на Воскреснатиот кој сака од сите свои овци да направи едно стадо; ја почувствуваме желбата да ги оздравиме раните кои се сеуште отворени и истрајно да продолжиме да чекориме по патот кон полното единство. Уште еднаш, како што направија претходните папи, молам за опростување за она што е направено од наша страна за јакнење на тие поделби, и го молам Светиот Дух да ни помогне повторно да ги оздравиме раните кои ги нанесовме на другите браќа. Сите сме браќа во Христос и со патријархот Вартоломеј сме пријатели, браќа, и покажавме заедничка волја да чекориме заедно, да го правиме она што денес можеме да го направиме: да молиме заедно, да работиме заедно за Божјото стадо, да бараме мир, да го чуваме создадениот свет, она толку што ние е заедничко. И како браќа мораме да одиме напред.
2. Втора цел на ова патување беше да се охрабрат луѓето од тие краеви да тргнат по патот на мирот, кој е истовремено Божји дар и човекова задача. Го направив тоа и во Јордан и во Палестина и во Израел. И тоа секогаш го правев како поклоник, во име на Господ и во име на човекот, носејќи во срцето голема љубов кон синовите на тие земји кои веќе предолго живеат во соживот со војната и имаат право конечно да ги запознаат деновите на мирот!
Поради тоа ги повикав христијанските верници со отворени и поучливи срца да дозволат да бидат „помазани“ со Светиот Дух, како би биле сѐ поспособни за гестови на понизност, братство и помирување. Светиот Дух овозможува да се заземат тие ставови во секојдневниот живот, со луѓето од различни култури и религии и така да постанат „занаетчии“ на мирот. Мирот се гради вешто и со знаење. Не постои индустрија за мир, не. Мирот се гради секој ден, со знаење и срце отворено да дојде дарот на Светиот Дух. Поради тоа ги повикав верниците да дозволат да бидат „помазани“.
Во Јордан се заблагодарив на властите и народот за нивното заземање во прифаќањето на бројните бегалци од војните подрачја, тоа е хуманитарна работа и заслужува постојана поддршка од меѓународната заедница. Бев погоден од великодушноста на јорданскиот народ во примањето на бегалци, на многумина кои бегаат од војната на тоа подрачје. Да го благослови Господ тој гостољубив народ, нека го благослови многу! А ние мораме да молиме Господ да ја благослови таа гостољубивост и да бараме од сите меѓународни институции да помогнат на тој народ во таа работа на прифаќање која ја работи. Во текот на поклоничкото патување и во другите места ги поттикнав тамошните власти на продолжат да вложуваат напори како би се ублажиле напнатостите на подрачјето на Блискиот Исток, особено во измачената Сирија, и да продолжат да бараат праведно решение за израелско – палестинскиот судир. Затоа ги повикав израелскиот и палестинскиот претседател, луѓе на мирот и миротворци, да дојдат во Ватикан да молат заедно со мене за мир. А од вас барам да не нè оставите сами: и вие молете, молете ревно, Господ да ни даде мир, да даде мир во таа благословена земја! Сметам на вашите молитви. Молете во меѓувреме, молете ревно да дојде мирот.
3. Оваа поклоничко патување во Светата Земја беше исто така можност да ги зајакнам во верата христијанските заедници кои силно патат и да ја изразам благодарноста на целата Црква за присутноста на христијаните на тоа подрачје и на целиот Блиски Исток. Тоа се наши браќа, храбри сведоци на надежта и љубовта, „сол и светло“ во таа Земја. Со својот живот на вера и молитва како и со достојно за пофалба воспитно и каритативно делување тие работат во прилог на помирување и опростување, придонесувајќи за општо добро на општеството.
Со ова поклоничко патување, кое беше навистина Господова милост, сакав да донесам збор на надеж, меѓутоа таа ми е и возвратена. Ја примив од браќата и сестрите кои се надеваат „без никаква основа за надеж“ (Рим 4,18), кои поминуваат низ многу страдања, како оние кои ги претрпе оној кој поради судир бил присилен да побегне од својата земја; како оние кои, во разни краеви на светот, се дискриминирани и презрени поради нивната вера во Христос. Да продолжиме да им бидеме блиски! Да молиме за нив и за мир во Светата Земја и на целиот Блиски Исток. Нека молитвата на целата Црква го поддржи исто така одот кон полното единство меѓу христијаните, светот да поверува во Божјата љубов која во Исус Христос дојде да пребива меѓу нас.
И ве повикувам сега да молиме заедно, заедно да се помолиме на Богородица, Царица на мирот, Царица на единството меѓу христијаните, Мајка на сите христијани: нека таа ни даде мир, на целиот свет, и нека таа нè прати на тој пат на единство.
РВ/ С.С.