Папата Фрањо: Не плашете се да се исповедате!
На Генерална аудиенција во среда 19 февруари на плоштадот свети Петар, Светиот Отец продолжи со серијата катехези за светите Тајни; денес говореше за светата Тајна Помирување односно Исповед. Преку светите Тајни на христијанската иницијација:
Крштение, Миропомазание и Евхаристија, човекот прима нов живот во Христос – потсети Папата додавајќи:
Денес сите знаеме дека овој живот го носиме во „глинени садови“ (2 Кор 4,7), подложени сме на искушенија, трпења, смрт, а поради гревот можеме да го изгубиме новиот живот. Затоа Исус Христос сака Црквата да го продолжи неговото спасително дело спрема своите членови, главно преку светите Тајни Помирување и Елеопомазание на болните. Тие две свети Тајни можат да се обединат под еден назив: свети Тајни на оздравување – рече Светиот Отец.
Светата Тајна Помирување е света Тајна на оздравување. Кога одам на исповед, одам да се излекувам: да ги оздравам душата и срцето од нешто што не е добро. Длабоката поврзаност помеѓу тие две свети Тајни е најдобро изразена во примерот со оздравувањето на фатениот, каде Господ Исус истовремено ги лекува и телото и душата (Мк 2,1-12; Мт 9, 1-8); Лк 5, 17-26) – потсети Папата продолжувајќи:
Светата Тајна покора и помирување – како што ние ја нарекуваме Исповед – директно произлегува од велигденското таинство. Имено, вечерта на денот на Воскресението Господ се укажува на учениците, затворени во салата на Последната вечера, и откако ги поздрави со „Мир вам!“, дувна во нив говорејќи: „Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите ќе им се задржат.“ (Ив 20, 21-23). Овој дел ни ја открива длабоката динамика содржана во ова света Тајна; пред сѐ, фактот дека сами не можеме да си ги простиме сопствените гревови. Не можам да кажам: „Си ги простувам гревовите.“ Простување се бара од другиот, а во исповедта простување бараме од Исус – рече Папата.
Простувањето не е плод на нашите напори, туку е дар; тоа е дар од Светиот Дух кој нѐ исполнува со милосрдие и милости кои постојано извираат од отвореното срце на распнатиот и воскреснат Господ Исус. Потоа нѐ потсетува дека мир можеме да стекнеме единствено ако во Господ Исус се помириме со Бог и со браќата. А тоа сите сме го искусиле во срцето кога со товар во душата и нажалени одиме на исповед… Кога ќе го искусиме Исусовото простување, тогаш сме во мир; со многу пријатен мир во душата, кој може да го даде единствено Исус; само Тој! – рече папата Фрањо додавајќи:
Со текот на времето, од јавна исповед – во почетокот исповедта била јавна – се поминало на лична исповед во исповедалница. Но, не смее да се изгуби од видик црковната матрица на исповед, затоа што таа е нејзин животен контекст. Навистина во христијанската заедница Духот станува присутен кој во Божјата љубов ги обновува срцата и се обединува во Исус Христос – објасни Папата.
Затоа не е доволно во своето срце и душа од Господ да бараме простување туку треба понизно и со доверба на служителот на Црквата да ги исповедаме сопствените гревови. Во славењето на ова света Тајна свештеникот не го претставува само Бог, туку целата заедница која се препознава во слабоста на секој свој член, допрен, го слуша неговото каење, се помирува со него, го охрабрува и го следи на патот на преобраќањето, на човечко и христијанско созревање – рече Светиот Отец додавајќи:
Некој би можел да каже: „Јас единствено на Бог се исповедам.“ – Да, на Бог можеш да му кажеш: „Прости ми“ и да ги кажеш своите гревови. Но нашите гревови се и против браќата, против Црквата и затоа е потребно да бараме простување од Црквата и браќата кои ги претставува свештеникот – рече Папата продолжувајќи:
„Но, оче, срам ми е.“ Срамот е добар и малку срам не штети, затоа што е здрав. Затоа што кога човек не чувствува срам, тогаш во мојата татковина велиме дека е „без срам“, односно без образ. Но срамот е добар затоа што нѐ прави понизини. Свештеникот со љубов и нежност ја прифаќа исповедта и простува во Божјо име – објасни Папата и додаде:
Од човечко гледиште, добро е да зборуваш со братот за човекот да се ослободи од товарот и на свештеникот да му каже сѐ што му го оптеретува срцето: човекот чувствува дека се растоварил пред Бог, Црквата и братот. Не плашете се да се исповедате! Кога некој чека во редот за исповед, и ги чувствува сите тие работи – исто така и срамот – но потоа после исповедта и разрешувањето се чувствува слободен, голем, лесен, лебдее и среќен. А во тоа е и убавината на исповедта – рече Папата, а потоа се обрати на присутните.
Би сакал вас да ве прашам; но секој да си одговори во себе, во своето срце: „Кога последен пат се исповеда или исповедала? Секој нека размисли. Пред два дена, две недели, две години, дваесет, четериесет? Нека секој се присети и сам нека си одговори кога последен пат се исповеда. А ако поминало многу време, ни ден повеќе не чекај: оди на исповед, свештеникот ќе биде добар. Во исповедалницата те чека Исус, Он е подобар од свештеникот и со голема љубов те прифаќа. Биди храбар и оди на исповед – поттикна Светиот Отец.
Завршувајќи ја катехезата, Папата рече дека светата Тајна Помирување е топла прегратка на бескрајното Божјо милосрдие. Се сеќаваме на прекрасната парабола за синот кој со својот имот ја напушта татковата куќа. Кога сѐ потрошил и повеќе ништо не му останало, одлучува да се врати во татковата куќа, но не како син туку како слуга. Голема вина чувствувал во срцето, голем срам. А изненадување се случило кога почнал да зборува со татко му и да бара простување, Отецот не му дозволил да зборува: го прегрнал, го бакнал и направил веселба. Ви велам дека Бог нѐ прегрнува и се весели секогаш кога се исповедуваме… Да одиме напред на овој пат. Бог да ве благослови – заврши Светиот Отец и потоа упати апел за мир во Украина:
Со голема загриженост следам овие денови што се случува во Киев. На украинскиот народ му ја гарантирам својата близина и се молам за жртвите на насилствата, за членовите на нивните семејства и за ранетите. Ги повикувам спротивставените страни да прекинат секакво насилство и да бараат слога и мир во земјата.
РВ/Д.И.