Папата Фрањо: Нека има мир во Светата Земја и во Ерусалим

Папата Фрањо: Нека има мир во Светата Земја и во Ерусалим

По молитвата Ангел Господов, во недела 1 септември 2024 година, Светиот Отец потсети дека вчера во Словачка за блажен е прогласен Јан Хаблик, семинарист на мисионерската конгрегација основана од свети Винко Паулски, а бил убиен во 1965 година од чехословачкиот режим, кој во тоа време ја прогонувал Црквата.

Папата, исто така, ја изрази својата тага поради неодамнешниот терористички напад во Буркина Фасо во кој беа убиени стотици луѓе, меѓу кои и жени и деца, а многумина беа ранети. Осудувајќи го тој страшен чин, изрази близина со луѓето и искрено сочувство до семејствата.

Светиот Отец ги спомена и жртвите од несреќата што се случи во храмот на Пресвета Богородица од Консенсау, во бразилскиот град Ресифе, а во оваа прилика ја изрази својата близина и со измачениот украински народ кој неодамна беше сериозно погоден од нападитврз енергетската инфраструктура. Папата рече дека Бог секогаш го слуша гласот на невините и не останува рамнодушен на нивните страдања.

Своите мисли со загриженост ги упати и за конфликтот во Палестина и Израел, кој се заканува да се прошири и во другите палестински градови, предупреди Папата и апелира преговорите да не се прекинуваат, огнот веднаш да престане и заложниците да биде ослободени и да му се помогне на населението во Газа, меѓу кое се шират многу болести. Вклучувајќи ја и детската парализа.

Нека биде мир во Светата Земја и мир во Ерусалим, светиот град, нека биде место каде што христијаните, Евреите и муслиманите ќе се чувствуваат почитувани и добредојдени и каде што никој не ја доведува во прашање „статус кво“ ситуацијата на нивните свети места.

При крајот рече дека денеска го славиме Светскиот ден на молитвата за грижа за созданието. Грижа од сите – од институциите, семејствата и секој поединец – е конкретна обврска кон нашиот заеднички дом. Плачот на ранетата Земја станува се поалармантен и повикува на решителна акција. А тоа не може да се одложува, нагласи Папата и го најави утрешното патување во повеќе азиски земји, со повик до присутните на плоштадот Свети Петар – а ги имаше околу 12 илјади – да се молат за да биде плодоносно патувањето.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот