Папата Фрањо на 12 мај 2023 година учествуваше на третиот конгрес за наталитетот (Stati Generali della Natalità) во Рим, во организација на Форумот на здруженија за семејства. Раѓањето деца е главниот показател за надежта на еден народ, рече Светиот Отец. Потребни се далекусежни политики без идеолошки огради, препорача Папата; освен тоа, никогаш не треба да се спротивставуваат наталитетот и прифаќањето
Само 393.000 – од тој број деца родени минатата година во Италија, папата Фрањо се обиде да ја изрази својата загриженост за демографскиот пад што ја карактеризира цела Европа, како и поради денешната култура која е „непријател“ на семејството и истовремено да поттикне надеж во иднината со раѓање на нови животи и надминување на оние, речиси непремостливи, услови за жените кои се најмногу оштетени и кои се робинки на селективна работа.
Ова го истакна Светиот Отец учествувајќи, по втор пат, на Конгресот за наталитет (Stati Generali della Natalità) промовиран од Форумот на здруженија за семејства, што се одржа во петок 12 мај во Рим. Веќе во 2021 година Светиот Отец учествуваше на второто издание на оваа иницијатива, одржано со ограничен број учесници поради посебните мерки наметнати од пандемијата.
Децата се надеж на народот
Папата Фрањо уште на почетокот на своето обраќање истакна дека темата за наталитетот е главна тема за сите, посебно за иднината на Италија и Европа.
Раѓањето на децата е, имено, главниот показател за мерење на надежта на еден народ. Ако се родат малку деца, тоа значи дека има малку надеж.
Во својот говор Папата спомна сè: култура, општество, а пред се политика. Имено, тешкотиите при наоѓање постојана работа, нејзиното задржување, прескапите станови, високите кирии и недоволните плати се реални проблеми кои се предизвик за политиката. На сите им е јасно – напомена Папата – дека слободниот пазар, без неопходните корективни мерки, станува див и поттикнува сè посериозни ситуации и нееднаквости.
Потоа се осврна на жените кои – според него – се најмногу оштетени.
Младите жени честопати се принудени да избираат помеѓу кариера и мајчинство, или се притиснати од тежината на грижата за своето семејство, посебно во присуство на немоќни постари и несмостојни лица. Жените во овој момент се робинки на правилата за селективна работа, што исто така им го оневозможува мајчинството.
Економски и социјални последици
Според Папата, тоа не само што има последици од економска и социјална гледна точка, туку и ја поткопува довербата во иднината. Денес, да се има деца се доживува како семејна обврска, а тоа, за жал, го условува менталитетот на младите генерации кои растат во неизвесност, ако не и во разочарување и страв. Живеат во општествена клима – додаде тој – во која основањето семејство се претвори во огромен напор, а не во заедничка вредност што сите ја препознаваат и поддржуваат.
Не смееме да дозволиме тагата да владее
Не можеме да прифатиме нашето општество да престане да биде генеративно и да владее тагата – истакна Папата и додаде: Кога нема генеративност доаѓа тагата. Не можеме пасивно да прифатиме дека толку многу млади луѓе се борат да го конкретизираат својот сон за семејство и се принудени да ги намалат своите желби, задоволувајќи се со просечни замени: да се богатат, да се стремат кон кариера, да патуваат, љубоморно да го чуваат слободното време… Сето ова се добри работи – истакна тој – кога се дел од генеративен проект. Ако, напротив, останат само индивидуалните стремежи, се сушат во себичност и доведуваат до умор што го карактеризира нашето општество како уморно општество.
Тажни сме и „сиви“ кога се затвораме и сè доживуваме како закана. Наталитетот, како и прифаќањето, кои никогаш не треба да се спротивставуваат бидејќи се две страни на иста паричка, ни откриваат колкава среќа има во општеството – истакна папата Фрањо.
Прашањето на надеж
Предизвикот за стапката на наталитет е прашање на надеж – забележа потоа Римскиот бискуп и предупреди: Но надежта не е, како што често се мисли, оптимизам, не е некое неодредено позитивно чувство за иднината. Таа не е илузија или емоција, туку има врска со конкретни одлуки.
Да се негува надежта значи социјална, интелектуална, уметничка, политичка активност во највисока смисла на зборот; тоа значи ставање на сопствените способности и ресурси во служба на општото добро, тоа значи сеење на семето на иднината. Надежта создава промени и ја подобрува иднината.
Да не се задоволуваме со сивиот и неплоден песимизам… Токму во најсувите пустини Господ отвора нови патишта. Ајде заедно да ги бараме тие патишта! – поттикна Папата.
Наоѓање решенија среде неправдата
Надежта нè охрабрува да се придвижиме за да најдеме решенија кои му даваат облик на општество достојно за историскиот момент во кој живееме, време на криза проникната со бројни неправди, а војната е една од нив – рече папата Фрањо и додаде на крајот: Децата не се лична сопственост, туку личности кои придонесуваат за растот на сите, носејќи човечко и генерациско богатство.
Ватикан њуз/к.мк