Папата Фрањо на денешната проповед: Бог е полн со добрина

Ватикан, 11.4.2013 /к.мк/ – Бог нè прави слободни и ни ја дарува онаа среќа која „понудите на светот” не можат да ни ја гарантираат. Ова го рече папата Фрањо во кратката проповед за време на Светата Литургија, која ја служеше во капелата на домот Света Марта во Ватикан. На светата Литургија во четвртокот присуствуваа претставници од Ватиканскиот весник „Осерваторе Романо”.

„Да си послушен на Бог, значи да го слушаш и со отворено срце да одиш по патот што Тој ти го покажува. Послушност кон Бог значи да се слуша Бог и токму тоа не прави да бидеме слободни”, рече Папата. Тоа го направи Петар, говорејќи им на фарисеите и книжниците: „Треба да Го слушаме Бог, а не луѓето“.

Во нашиот живот, рече Папата Фрањо, „слушаме работи кои не произлегуваат од Исус, кои не се од Бог. Понекогаш нашите слабости нè водат по пат на „двоен живот”, резултат на она што слушаме од Исус и она што светот ни го нуди”. Но што се случува кога слушаме кога Исус ни говори?, запраша Папата. Оние кои го слушаат гласот на Исус и не ги прифаќаат понудите на светот, се гонети. Многумина со нивниот живот ја сведочат послушноста кон Бог и одат по патот кој им го покажува Исус.

Тоа е крајната цел на која нè повикува денешната света Литургија: „Да одиме по Исусовиот пат“. Тоа значи да не ги прифаќаме понудите од светот, предлозите за грев или да не правиме компромиси кои можат да не оддалечат од Господ. Тие нема да не направат среќни, истакна Светиот Отец. Во Светиот Дух „можеме да најдеме помош за да одиме по патот по кој не повикува Исус и да го слушаме Бог.“ Светиот Дух е оној кој ни дава сили да одиме по патот”. Нашиот Отец, „ неизмерно ни го подари Светиот Дух, за да го слушаме Исусовиот глас и да одиме по Неговиот пат.” Затоа, треба да ја измолиме „благодатта на храброст”, да имаме храброст да кажеме: „Господи, јас сум грешник и понекогаш ги слушам понудите од овој свет, но сакам да бидам послушен на Тебе и да одам по Твојот пат”. „Да измолиме благодат за да одиме по Исусовиот пат. А кога ќе се оддалечиме од него, да побараме простување: Господ ни простува, бидејќи е полн со добрина “, заврши папата Фрањо.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<