Папата Фрањо на Ангел Господов: Никогаш повеќе војна! Со војната сѐ е уништено!

Папата Фрањо во наговорот на молитвата Ангел Господов во неделата на 13 јули повторно упати силен апел за мир на Блискиот Исток. Во светло на трагичните случувања во последните денови, Светиот Отец ги повика сите луѓе упорно да молат за мир во Светата Земја. Сѐ уште ми е во живо сеќавање средбата одржана на 8 јуни со патријархот Вартоломеј, израелскиот претседател Шимон Перес и палестинскиот претседател Махмуд Абас, рече Папата и истакна: „Заедно со нив повикавме за дарот на мир и го послушавме повикот за да се прекине спиралата на омраза и насилство. Некој би можел да помисли дека таа средба е залудна. Меѓутоа не е, бидејќи молитвата ни помага да не дозволиме да нѐ победи злото или да се помириме со насилството и омразата да ги надвладеат дијалогот и помирувањето.“

Папата ги повика засегнатите страни како и сите кои имаат политичка одговорност на локално и меѓународно ниво да не ги штедат молитвите и сите можни напори за да се прекине секое непријателство и да се постигне саканиот мир, за доброто на сите луѓе. И ве повикувам сите вас да се соединете во молитва. Да се помолиме, сите, во тишина, поттикна Светиот Отец и по кратката молитва во тишина се обрати до Бог. „Сега Господи, Ти помогни ни! Дарувај ни го својот мир, поучи нѐ на својот мир, Ти поведи нѐ кон мирот. Отвори ги нашите очи и нашите срца и дади ни храброст за да можеме да кажеме: никогаш повеќе војна!; со војната сѐ е уништено! Дади ни храброст да правиме конкретни гестови за градење на мирот… Направи нѐ да бидеме расположени за да го послушаме крикот на нашите граѓани кои бараат од нас своето оружје да го претвориме во оружје на мирот, своите стравови во доверба и своите напнатости во простување“, рече папата Фрањо.

Пред апелот и молитвата Ангел Господов, Светиот Отец размислуваше за делот од Евангелието по Матеј на денешната Литургија и параболата за сејачот за која рече дека е вовед за сите параболи. Исус зборува за семето кое дава повеќе или помалку плодови зависно од земјата на која што паднало. Таа парабола денес зборува за секој од нас, како што зборувала на луѓето кои пред две илјади години го слушале Исус. Нѐ потсетува дека сме земјата на која Господ неуморно го фрла семето на своите зборови и својата љубов. Со какво расположение го примаме? Какво е нашето срце? На која земја е слично: на некоја улица, каменито или трновито? Од нас зависи дали сакаме да станеме добра земја, без трња и камења, обработена и негувана, за да може да даде добри плодови за нас и за нашите браќа, истакна Светиот Отец. Исус исто така ја толкува параболата, рече Папата. Семето кое паднало на патот ги означува оние кои го слушаат навестувањето на Царството Божјо, но не го примаат и доаѓа Злото и го однесува. Злото, објасни Папата не сака семето на Евангелието да никне во срцата на луѓето. Семето кое паднало на каменито место ги претставува луѓето кои го слушаат Божјото Слово и веднаш го прифаќаат но, површно бидејќи немаат корен и не се трајни; кога наидуваат тешкотии, тие луѓе веднаш се обесхрабруваат. Третиот сучај е семето кое паднало во трње. Исус вели дека се однесува на луѓе кои го слушаат Словото но, поради грижите и привлечноста на богатството, тие го загушуваат. И на крајот, семето кое паднало на плодна земја ги претставува оние кои го слушаат Словото, го прифаќаат, го чуваат и разбираат и тоа донесува плод. Совршен пример за таа добра земја е Дева Марија, истакна Папата.

Добро ќе ни направи ако не заборавиме дека и ние сме сејачи. Бог сее добро семе, но ние можеме да се запрашаме: какво семе излегува од моето срце, од мојата уста? Нашите зборови можат да прават многу добро но и многу зло; многу да оздравуваат, но и да рануваат; многумина да охрабрат, но и да скршат. Запаметете, не е важно она што влегува, туку она што излегува од устата и од срцето, истакна папата Фрањо. Потсетувајќи по наговорот дека денес се одбележува Неделата на морето, Светиот Отец посебни мисли упати до морнарите, рибарите и нивните семејства и ги поттикна христијанските заедници да бидат кон нив внимателни и чувствителни. Потоа се соедини во молитвата со пастирите и верниците кои учествуваат на ходочастието за семејства на Радио Марија во Јасна Гора Честохова, а на крајот упати искрени поздрави до духовните синови и ќерки на свети Камило де Лелиса, основач на монашката заедница Камилијанци по повод 400 годинишнина од неговата смрт.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот