Папата Фрањо назначи свој специјален претставник за Ирак
Со оглед на исклучително тешката ситуација во Ирак, папата Фрањо го назначи кардинал Фернандо Филони, префект на Конгрегацијата за евангелизација на народите, за „свој специјален претставник во Ирак“, како знак на „својата духовна блискост со луѓето кои страдаат и во знак на сведоштво за солидарноста на Црквата”.
Од своја страна и префектот на Конгрегацијата за Источните цркви, кардинал Леонардо Сандри, упати апел: „цивилизираниот свет, јавните власти и меѓународните организации, со оглед на исклучително сериозната ситуација, не треба да го одложуваат обезбедувањето на хуманитарна и секаква друга помош неопходна за запирање на болниот и длабоко неправедниот егзодус на христијаните од териториите во кои тие живеат повеќе од две илјади години, особено во Ирак и Сирија”. Во својот апел кардинал Сандри изразува и благодарност на папата Фрањо „за дадената поддршка на повеќе од сто илјади христијани, кои во текот на ноќта беа принудени да ги напуштат своите домови, градови и цркви во долината Ниневија во Ирак и кои се упатија кон Ербил, главниот град на ирачки Курдистан, во потрага по засолниште и опстанок, додека пак нивниот опстанок останува неизвесен”.
Кардиналот истакнува дека „станува збор за акција против Бог и против секакво чувство за хуманост”. Во постојана врска со Халдејски патријарх Рафаел Сако, со папскиот претсавник во Багдад и со локалните епископи, Конгрегацијата за Источните цркви ги „охрабрува одговорните лица и сите луѓе кои се загрижени за судбината на Источните христијани, итно да го направат неопходното за да престанат страдањата на христијанското население, кое е лишено од вода, храна и секакви неопходно производи, особено децата, постарите и болните. За жал има опасност од катастрофален крај, ако не се стави крај на големата општа нестабилност, поттикнувана од незаинтересираноста за што во неколку наврати беше предупредувано“.
РВ/го*ко