Папата Фрањо: Мирот е дело на правдата

Мирот е дело на живеење на правдата. Само ако се помири со Бог, човекот станува вистински миротворец – истакна Светиот Отец на Литургијата на стадионот Кошево во Сараево во рамките на апостолската посета на Босна и Херцеговина, на која присустуваше и една поголема група од Македонија

Мирот е Божји дар, Божји план за човештвото, историјата и за сето создадено. Меѓутоа, како што напомена Светиот Отец тој план секогаш се соочува со отпор од страна на човекот и лукавиот. Така во нашето време се води еден вид на Трета светска војна „во делови“, а во контекст на глобалната комуникација се доживува „вистинска воена клима“.

Постојат некои кои намерно сакат да создаваат и да ја предизвикуваат ова клима, посебно оние кои настојуваат да предизвикат конфликти меѓу различните култури и цивилизации и оние кои смислуваат војни за да продаваат оружје – предупреди папата Фрањо, додавајќи дека војната подразбира деца, жени и старци во бегалски логори, присилно напуштање на домовите, разрушени куќи, улици и комерцијални простории; но, пред сè подразбира многу уништени животи. „Вие тоа многу добро го знаете, бидејќи сето тоа сте го доживеале овде“ – рече Папата, додавајќи го својот глас на крикот: „никогаш повеќе војна!“

Значајно е што Евангелието не вели: „Блажени се проповедниците на мирот“, бидејќи секој е способен да зборува за него, па и на лицемерен и на лажен начин. Блажени се миротворците, оние кои сеат мир со својата секојдневна работа. Да создаваш мир е работа која неуморно се остварува секој ден, чекор по чекор – објасни Папата.

Мирот се остварува како дело на живеење на правдата – opus iustitiae pax. Совршено исполнување на правдата е да се љуби ближниот како самиот себе. „О, како се менуваат работите кога, со милоста Божја, ја следиме ова заповед. Тоа се случува, бидејќи ние се менуваме! Тоа лице, тој народ кој досега сме го доживувале како непријател, всушност има исто лице како и јас, моето срце, мојата душа. Имаме ист Отец на небесата. Па, вистинска праведност би била да им правиш на тие лица, на тој народ, сето она што би сакал да биде направено на мене и на мојот народ“ – рече Папата.

Да не се залажуваме дека сето тоа зависи од нас – предупреди Светиот Отец – бидејќи тогаш би паднале во „празен морализам“. Мирот е Божји дар токму затоа што е плод на неговото помирување со нас. Само ако се помири со Бог, човекот станува вистински миротворец – нагласи Папата и заврши: Единствено залагањето за мир е патот кој нè прави среќни, кој нè прави блажени.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Uncategorized

За авторот