Папата Фрањо: Милосрдниот човек не се плаши од смртта

Драги браќа и сестри, добар ден и ви честитам на храброста што дојдовте на плоштадот по ова ладно. Големи честики.

Сакам да ја доведам при крај катехезите за Верувањето, кои се одржани во текот на Година на верата, која заврши минатата недела. На ова и на следната катехеза сакам да размислувам за темата воскресение на телото, издвојувајќи два аспекта во облик во кои се претставени во Катехизмот на Католичката Црква, т.е. нашето умирање и воскресение во Исус Христос. Денес ќе се задржам на првиот аспек: „умирање во Христос“.

1. Ние обично погрешно гледаме на смртта. Смртта сите нѐ чека и нѐ поттикнува на длабоко размислување, посебно кога ќе погоди некого од оние кои ни се блиски или кога ќе погоди дете, невини на начин кој го сметаме за „скандалозен“. Секогаш ме погодуваше прашањето: зошто страдаат деца? Зошто умират деца? Ако се сфаќа како крај на сѐ, тогаш смртта плаши, се претвора во закана која ги руши сите соништа, секоја иднина, која ги прекинува сите односи и секој пат. Тоа се случува кога нашиот живот го гледаме како време помеѓу раѓање и смрт; кога не веруваме во поглед кој е надвор од сегашниот живот; кога се живее како Бог да не постои. Тоа сфаќање за смртта е типично безбожно размислување, кое го толкува постоењето како случаен престој во светот и одење кон ништавност. Но постои и практичен атеизам, кој се состои во тоа да се живее само за сопствените интереси и само за земските работи. Ако дозволиме да не обземе тој погрешен поглед за смртта, не ни преостанува ништо друго освен да бегаме од смртта, да ја негираме или да ја банализираме за да не нѐ плаши.

2. Но против тоа лажно решение се буни човечкото срце, желбата за бесконечно која сите ја носиме во себе, копнежот за вечното кој сите го имаме. Која смисла и ја придава христијанството на смртта? Ако се осврнеме на најболните моменти на нашиот живот, кога сме изгубиле некоја сакана личност – родители, брат, сестра, роднина – согледуваме дека во драмата на загуба и тага поради одделување од саканата личност, од срцето ни извира уверување дека не може сѐ да биде свршено, дека применото и даденото добро не биле залудни. Во нас постои моќен нагон кој ни говори дека нашиот живот не завршува со смртта.

Таа жед за живот наоѓа свој вистински и сигурен одговор во воскресението на Исус Христос. Исусовото воскресение не ни дава само сигурност во животот после смртта, туку ја просветлува исто така и самата мистерија на смртта на секој од нас. Ако живееме обединети со Исус, верни Нему, ќе можеме со надеж и ведрина да се соочиме со смртта. Црквата моли: „Ако нѐ растажува сигурноста дека мораме да умреме, нѐ утешува ветувањето на идната бесмртност“. Многу е убава оваа молитва на Црквата! Човекот тежнее да умре како што и живеел. Ако мојот живот бил одење со Господ, одење со неговото бескрајно милосрдие, ќе бидам подготвен да го прифатам последниот момент од мојот земски живот како конечно доверливо препуштање во неговите мили раце, во исчекување да застанам лице во лице пред Него. Тоа е нешто најубаво што може да ни се случи: да го погледнеме во лице тоа прекрасно Господово лице, да го видиме каков е навистина, убав, полн со светлост, полн со љубов, полн со нежност. Ние одиме толку долго: да го видиме Господ.

3. Во таа перспектива се сфаќа Исусовиот повик да бидеме секогаш подготвени, будни, знаејќи дека животот на овјо свет ни е даден за да се подготвиме за другиот живот, оној со Небесниот Отец. А за тоа постои сигурен пат: добро ќе сме подготвени за смртта, ако се ставиме во Исусовата близина. Тоа е сигурност: јас се подготвувам за смртта така што стојам близу до Исус. А како се стои близу до Исус? Со молитва, со свети Тајни и со вршење дела на љубовта. Да се сетиме дека Тој е присутен во најслабите и оние кои се во потреба. Тој самиот се поистоветил со нив во познатата парабола за Последниот суд, кога вели: „Зашто огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев странец и Ме примивте; бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во темница и дојдовте при Мене… Вистина ви велам, доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.“(Матеј 25, 35-36.40). Затоа сигурен пат е повторно да стекнеме чувство за христијанска љубов и братско заедништво, да ги видиме телесните и духовните рани на нашиот ближен. Солидарност и сочувствување со ближниот кој пати и давајќи му надеж е ветување и услов за примање во наследство на она Царство кое е подготвено за нас. Оној кој прави дела на милосрдие не се плаши од смртта. Запамтете го тоа добро: кој прави милосрдие не се плаши од смртта! Се сложувате ли? Да го кажеме тоа заедно за да не го заборавиме? Кој прави милосрдие не се плаши од смртта. А зошто не се плаши од смртта? Бидејќи го гледа во лице во раните на браќата и се издигнува над сѐ со љубовта на Исус Христос.

Ако ја отвориме вратата на нашиот живот и нашето срце на најмалите браќа, тогаш и нашата смрт ќе стане врата која ќе нѐ однесе во небо, во небесната татковина, кон која одиме, барајќи секогаш да престојуваме со нашиот Отец Бог, со Исус, Богородица и светците.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот